
Сто млади лекари оставени на цедило од државата: Во агонија за иднината чекаме платена пракса што ни следува со закон!
„Срамота е за што сме дојдени овде, ова што го бараме ни следува по закон“, беше коментарот на младите лекари кои денеска се собраа пред Министерството за здравство. Тие положиле државен испит, ама три месеци подоцна, уште не се викнати во ниту една здравствена установа на задолжителната платена пракса која мора да ја поминат ако сакаат да запишат специјализација.
Препорачано
Младите доктори велат дека се под стрес, затоа што специјализацијата се запишува во септември и практично ако не ги викнат на пракса во најскор можен рок, со тоа ќе им го одземат правото да се запишат на специјализација на време, бидејќи до септември има точно 6 месеци.
Комисијата за имунизација барала дел од овие доктори да одат на пракса на вакциналните пунктови поради епидемијата со пертусис, ама и тоа барање е без епилог. Младите доктори велат дека институцијата што ги попречува во нивното законско право на задолжителна платена пракса е Министерството за финансии. Само 40 млади доктори се примени на задолжителна платена пракса, а околу 100 не се.
Ние сме група на млади лекари со положен државен испит, кои веќе трет месец чекаме да не викнат на платена пракса. Платената пракса е задолжителна според Закон донесен од Министерството за здравство. Таа е во траење од шест месеци и е услов за наше понатамошно усовршување, односно таа е услов за да се запишеме на специјализација. Дел од колегите ја започнаа платената пракса од шест месеци во Итната медицинска помош и во Здравствените домови, додека останатиот дел, уште чекаме. Ние секојдневно сме на вратите на институциите и бараме одговори за тоа кога ќе почнеме со платената пракса. Одговор немаме и чекаме. Се сретнавме со вработените во Министерството за здравство и министерот доктор Илир Демири. После средбата Министерството за здравство испрати барања за брза и итна постапка за да добиеме одговор од Министерството за финансии за нашиот предмет. Меѓутоа, уште чекаме, рече младата докторка Симона Ѓоргиевска.
Докторката Ивана Балоска апострофираше дека одговорот од институциите го бараат сега, затоа што оваа шестмесечна пракса мора да ја завршат до септември за да имаат право да конкурираат за специјализација во првиот циклус.
– После шест години редовни студии и шест месеци поминат стаж за полагање на државен испит, ние сме оставени во агонија и загриженост за нашата иднина која директно се рефлектира на секој од нас. Го гледаме парадоксот на нашиот систем каде има недостиг на млади лекари, а во исто време ние сме оставени во чекалната на институциите чекајќи вработување или платена пракса која ни следува со закон. Доколку не се најде решение за нашата ситуација, за жал ќе бидеме дел од многуте неправди кои институциите ги прават врз здравствените работници. Иако си ја сакаме државата и сакаме да останеме тука, ќе бидеме принудени да ја напуштиме и да отидеме некаде каде ќе се ценат нашите труд и знаење. Бараме поддршка од нашите колеги и професори, како и од сите останати здравствени работници и граѓани. Во овие моменти ќе ни значи да успееме да се избориме за нашите права, да останеме во нашата држава и да дадеме придонес во развојот на македонското здравство, рече доктор Балоска.
„Слободен печат“ во Министерството за финансии постави прашања зошто за стоте млади лекари кои денеска се собраа пред Министерството за здравство уште Министерството за финансии не одобрило задолжителна платена пракса. Станува збор за тековна процедура која не претставува вработување туку се уредува со договор на дело. Прашавме и како се селектирани 40 млади лекари на кои им е дадено законското право, а на сто други млади лекари не им е дадено истото. До објавувањето на овој текст, не добивме одговор.
Сите овие млади лекари се чувствуваат како жртви на дискриминација во системот на државата. Иако сите имаат лиценци од Лекарската комора, не сите добиваат место за платена пракса која е предвидена во Законот за здравствена заштита. Тие посочуваат дека од институциите им кажале да бараат работа кај матичните лекари, но активни огласи за вработување во Скопје и во останатите градови, скоро и да нема, а кога има, се бараат лекари со барем две години работно искуство, што овие доктори го немаат со оглед на тоа што се штотуку дипломирани.