фото: Getty Images

Стејт Департмент: САД работат на гаранција дека Северна Македонија го почитува договорот со Грција

САД работат на тоа новата влада на Северна Македонија да го почитува Договорот од Преспа, подвлече помошникот државен секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О’Брајан.

За време на сослушувањето пред Комитетот за надворешни односи на Сенатот, американскиот дипломат тврдеше дека контактите на американските пратеници се корисни за да се задржи Северна Македонија посветена на договорот.

Сенаторката Џин Шахин го постави прашањето нагласувајќи ги своите средби неодамна на самитот на НАТО во Вашинтон со македонскиот премиер Кристијан Мицкоски, албанскиот премиер Еди Рама и црногорскиот министер нагласувајќи дека во таа прилика слушнала за фрустрацијата што земјите од регионот ја имаат поради предолгото чекање на влез во Европската Унија, препреките што се поставувале и реформите што морале да ги направат во текот на процесот, посебно Северна Македонија. Таа отворено го праша О’Брајан што уште САД можат да направат за да ги охрабрат Европјаните да им помогнат на земјите од Западен Балкан кои ги направија реформите што се бараа од нив, да престанат да ја поместуваат рампата и всушност да дозволат преговорите да тргнат напред.

– Ова е посебен проблем. Прво ова е дневен предизвик, да бидеш пријател на процесот, а често да не си дел од процесот, но значи охрабрување на земјите да направат болни реформи, политичките функционери во земјите да не прават големи барања кои би излегле од колосек, од напредокот. Исто така значи сугерирање алтернативни патишта. Една работа на која работев постојано со владите е да ги донесам до заеднички регионален пазар, но исто така и до единствениот пазар пред зачленувањето во ЕУ бидејќи со пристапниот процес, седењето на масата на Европскиот совет е проблематично, каде економската страна може да дојде многу порано. И сега таква е политиката на ЕУ со планот за раст, па американските напори се однесуваат во тој правец на охрабрување на идејата за реформи и продобивки порано. А во пристапниот процес има два вида проблеми, а тоа е правење на бараните реформи и тука се добрососедските односи – рече помошникот државен секретар.

Тој потоа се осврна на Северна Македонија и нејзините односи со соседна Грција и Бугарија, нагласувајќи ја потребата од почитувањето на двата договори, Преспанскиот со Грција и Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија.

„Северна Македонија настрада поради споровите со соседите, кои постојано ги менуваат (пристапните) барања за неа. Дел од нашата работа е дипломатски да подготвиме начин за (Северна Македонија) да го одржи договорот што го има со Грција. И мислам дека средбата што ја имавте, како и другите средби, помогнаа работите да се задржат во оваа точка, за Грција да стане пријател на македонскиот пристапен процес, а не критичар. Истото важи и за Албанија“, посочи тој во одговорот пред сентароите.

O’Брајан додаде и за спорот на Северна Македонија со Бугарија и најави дека САД ќе останат фокусирани и активни во македонско-бугарските односи.

– Главното прашање е Договорот што Северна Македонија го има со Бугарија и штом Бугарија ќе има постабилна влада, треба да се разговара за точниот начин како треба да се спроведе. Така што тоа ќе биде областа каде што очекувам да бидеме поактивни – рече тој.

Премиерот Кристијан Мицкоски и претседателката Гордана Сиљановска Давкова ветија дека официјално ќе го користат уставното име, но дека ќе го користат името „Македонија“ во изјавите како чин што произлегува од правото на лично чувство и самоопределување.

Грчкиот премиерот Кирјакос Мицотакис потенцираше дека властите во Северна мора да го користат уставното име и внатре и надвор од земјата.

Дека нема простор за повторно преговарање за договорите со Грција и Бугарија изјави и американската амбасадорка во Скопје, Ангела Агелер. Таа истакна дека „договорите се направени. „Нема повторни преговори за Преспа, нема преговарање за напредок кон ЕУ. Ова е многу јасно“, нагласи Агелер.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот