Фото: Милица Џаровска

Стефановски од „Прагма“ пред концертот на Слаткар и Тони Зен: Македонската музика тоне додека полниме сали на странски пејачи

Марко Маринковиќ – Слаткаристика и Тони Зен се запознале на уникатен начин, откако Слаткар со дел од неговата тогашна група „Единствена опција“ дошол на врата дома кај Тони. Пред концертот кој заеднички ќе го одржат на 11 октомври во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, тие одржаа прес-конференција заедно со Кристијан Стефановски, сопственикот на продукција „Прагма“ кои се организатори на концертот.

– Македонската музика тоне и нема доволно поддршка, и затоа не се појавуваат нови пејачи. Ние полниме сали на концертите на странски и на балкански пејачи што ги организираме, а многу малку концерти се организираат со македонски пејачи, и тоа мора да се смени – рече Стефановски на прес-конференцијата.

Тој се присети на првата прес-конференција на нивната продукција во 2007 година кога имало повеќе новинари и интересот за домашната музика и од медиумите и од публиката бил поголем. Стефановски најави дека наскоро организираат нешто ново за поддршка на домашната сцена за кое допрва ќе ја известат јавноста.

– За ова треба да размислат и организаторите на општинските манифестации, за поголема поддршка на нашата музика – додаде менаџерот.

Тони Зен детално ја раскажа првата средба со Слаткар во 2002-2003 година.

– Ми звони некој на врата и го гледам Марко со уште двајца рапери. Тогаш не се викаше рапер, туку Ем-Си (MC). Јас тогаш ја имав направено песната „Рап химна“, и тие ми велат: Ајде да правиме „Рап химна 2“. Им реков: Дечки, ве слушам, ве почитувам, ајде да ја правиме химната, и брзо потоа заминавме во студио. Оттогаш почнавме да соработуваме и да се разбираме низ еволуцијата на хип-хопот – рече Тони Зен.

– Созреавме заедно и пораснавме. Решивме дека е време да ги исклучиме детските болести, па снимивме една нова, покултурна верзија на песната „Спушти се доле“ – рече Слаткар.

Тој додаде дека му е драго што концертот е на 11 октомври, на Денот на македонското востание.

– Во спотот на новата верзија на песната „Спушти се доле“ нема вулгарности, а на концертот ќе ги пееме и двете верзии –  рече Тони Зен.

Првата верзија на оваа песна во чиј спот е и поп-пејачката Маја Саздановска е снимена во 2009 година.

Слаткаристика најави дека гости на концертот се „2Бона“, „Некст тајм“ и Зи Бомб, а билетите се достапни преку мрежата на Купи карта.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот