Став за една контаминирана ситуација

Даница Павловска Циги

По аналитичко согледување на урбанистичкиот аспект на настанатата деликатна ситуација се препорачува ургентно стопирање на понатамошни градежни активности на локалитетот кај Воена болница и поништување на одобрението за градба на објектот, изготвување проект за санација на девастираниот простор со минимум трошоци, изготвување и одобрување нов архитектонско-урбанистички проект со стриктно почитување на елементите на заштита, акцептирање на произлезените нови обврски за проектантот и нивно вградување во соодветен нов основен проект за објектот, и конечно, внимателна проверка на севкупната документација пред издавањето на новото одобрение за градба на објектот

Владее една контаминирачка ситуација во општеството на крајно непочитување на системот за организација на планирањето и на заштитата на просторот, односно злоупотреба на правните рамки за неговото уредување и користење. Со овој текст сакам да укажам на неопходноста од доследно спроведување на законските обврски произлезени од урбанистичките планови, кои се императив за властите. Но, понекогаш е потребно мудро проценување на слабостите, пропустите, неквалитетот, за да тие некако, практично и логично се надминуваат. Тогаш состојбите добиваат нова димензија на реалитет и со оперативни механизми се поправаат откриените грешки. Процедурите не смеат да се одбегнуваат, но вешто користење на сите законски можности и алатки е пожелно.
Отпочнатите градежни активности на градежната парцела ГП 6.1, во заштитеното подрачје на Споменикот – Воена болница во Скопје, алармираат потреба од итно делување затоа што претставуваат завршен чин во воспоставување објект без соодветна документација. Добиените информации укажуваат дека претходно не е спроведен обврзувачкиот процес на изготвување соодветна планска документација, односно не е внесен вистинскиот вредносен статус на локалитетот на Воената болница во Скопје во содржината на Деталниот урбанистички план. Инертноста и незнаењето во управувањето со просторот на повеќе нивоа, произведе лоши последици и консеквентно го наруши поставениот систем.
Во процедурата учествувале повеќе субјекти кои направиле пропусти, но одговорните за урбанистичкиот аспект и одговорните за реализацијата на градбата требале да ги согледаат и да ги надминат сите слабости пред издавањето на финалниот документ – одобрението за градба. Факт е дека вреднувањето и процената на севкупната изготвена документација се одвивале површно и без соодветна аргументација.
Со одобрениот документ – Конзерваторски основи на ГУП-от на Град Скопје од 2012 година, извршена е валоризација на Воената болница во Скопје и воспоставено е Заштитено подрачје – Воена болница, со Споменик – Воена болница и негова контактна зона. За наведеното културно добро постојат граници, категорија – значајно културно наследство и режим на заштита од втор степен, а за неговата контактна зона предложени се граници и режим на заштита од трет степен. Со тоа се очекувало да се воспостави заштита на неговиот идентитет и посебност, заштита од девастација и девалвација, да се побарува посебен обликовен третман на целото подрачје итн. Инаку, тоа не исклучува можност за изградба на нови објекти, нови урбани интервенции, естетизирање и осовременување на просторот, но сето тоа во склад и со почитување на хиерархиски поставените планови. Се очекувала и висока морална и професионална одговорност на планерите, проектантите, дизајнерите, стручните општински служби и на сите субјекти/учесници во реализацијата. Секако, архитектонското и партерното обликување на просторот е обврзно со разработка на ниво на посебен тематски архитектонско-урбанистички проект. Сензибилноста на локацијата побарува висока одговорност во апликациите на „новото“, така што новопредвидените објекти мора да ги почитуваат критериумите и елементите на заштитата, границите на зоните на заштита, а габаритот, катноста и силуетите да се приспособени на вредностите и значењето на самото културно добро. Пожелно е предвидување и спроведување на (повикани) архитектонски конкурси заради спецификата на заштитарскиот аспект и суптилноста на урбаниот контекст. Во овој случај, во изготвениот архитектонско-урбанистички проект за локацијата за градба третманот не е таков и поради тоа тој мора да се преработи во нов релевантен, кој одново ќе се разгледува и ќе се одобри.
Прагматиката на оперативниот урбанизам често може да помогне, може да ги (отстрани) намали или да ги поправи грешките настанати во процедурите и постапките на одобрување и реализацијата на урбанистичката документација. Тие може да бидат намерни – заради остварување некои приватни интереси (како корупција, мито и сл.) или ненамерни, направени од незнаење, површност, неодговорност, клиентелизам, полтронство и др. Во таа смисла природно се наметнува промислувањето на следните чекори во реализацијата на планот, за веќе девастираниот простор на посочената локација за градба.
По аналитичко согледување на урбанистичкиот аспект на настанатата деликатна ситуација се препорачува ургентно стопирање на понатамошни градежни активности на предметниот локалитет и поништување на одобрението за градба на објектот, изготвување на проект за санација на девастираниот простор со минимум трошоци, изготвување и одобрување нов архитектонско-урбанистички проект со стриктно почитување на елементите на заштита, акцептирање на произлезените нови обврски за проектантот и нивно вградување во соодветен нов основен проект за објектот, и конечно, внимателна проверка на севкупната документација потребна за реализација на проектот односно пред издавањето на новото одобрение за градба на објектот.
Со почитување на горенаведените чекори ќе се воведе ред и поредок на нештата во урбанизмот. Колку и да звучи утописки, од некаде мора државата да почне.

(Авторката е архитект)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот