
Старите и оштетени дрвја опасни за граѓаните, само во Градски парк треба да се сечат околу 120
Од „Паркови и зеленило“ не одговараат кога имаат намера да ги отстранат старите дрвја за да не настрада некој, ниту пак одговараат дали се прави проверка на состојбата на дрвјата низ скопските населби и во другите паркови, затоа што граѓаните се сведоци дека секој посилен ветар урива некое дрво по улиците.
Скопјани што се рекреираат во Градски парк веќе подолго време можат да забележат дека голем број дрвја, кои се стари, исушени или стеблото им е изгниено, се обележани за сечење. Дрвјата се обележени со црвена буква „С“ што укажува дека мора да бидат отстранети за да не паднат и да повредат некого.
Препорачано
Но, иако Секторот за комунални дејности на Град Скопје уште на 19 март донел решение со кое се одобрува сечење на 119 дрвја и кастрење на 121 дрво во паркот, речиси цел месец подоцна тие сè уште стојат на своите места. Според решението, сечењето требало да се изврши во рок од 15 дена, а ЈП „Паркови и зеленило“ да изврши компензациско садење 119 дрвја постари од шест години на иста парцела каде што е извршено сечењето.

Состојбата на дрвјата ја утврдиле, како што се наведува во решението, стручни лица од Град Скопје и од јавното претпријатие, кои констатирале дека дрвјата се целосно суви, шупливи, заболени и нападнати од габи, опасни да паднат и да причинат материјална и човечка штета на јавен простор.
Но, очигледно од „Паркови и зеленило“ не ги загрижуваат овие потенцијални опасности штом сѐ уште ништо не преземаат. Оттаму нема одговор на прашањата кога имаат намера да ги отстранат старите дрвја за да не настрада некој, ниту, пак, одговараат дали се прави проверка на состојбата на дрвјата низ скопските населби и во другите паркови, затоа што граѓаните се сведоци дека секој посилен ветар, урива некое дрво по улиците. Некои, пак, едноставно паѓаат и без ветар.

Вчера такво огромно дрво, полуурнато забележавме во паркот „Жена-борец“, минатата недела падна едно на улица во Карпош 2, во Карпош 3 неодамна настрада дете од падната гранка. Состојбата со дрвата веројатно е најопасна токму во најстарите населби каде што дрвјата се стари по неколку децении, некои со стебла со дијаметар и по два метра и високи 30-40 метри.
Граѓаните постојано реагираат дека на нивите пријави од јавното претпријатие реагираат многу бавно и дека некогаш, откако ќе го обележат дрвото за сечење, поминува и година додека го сторат тоа.
Јас не разбирам како може да се толку комотни кога може да настрада некој. Пред извесен период на едно од старите дрвја буквално му се „расцвета“ стеблото и се урна врз клупите на Партизанска, спроти бензинската ОКТА. Среќа што немаше никој на клупите. Низ Карпош има огромни дрвја, мора да се проверуваат, мора да се обновува дрвниот фонд, ништо не трае вечно. Не може надлежните да работат само по пријава на граѓани, па дури и тогаш не сработуваат како што треба – вели Златко од Карпош.
Општина Карпош уште во 2022 година по пријава од граѓани поднела барање до Град Скопје за отстранување дрвја. Во пријавата има наведено повеќе од 70 суви дрвја само на територијата на Карпош 3, со впишани локации за секое од нив. Од ЈП „Паркови и зеленило“ не одговараат ниту дали постапиле по ова барање.

Инаку постапката за сечење дрвја, без оглед дали тие се наоѓаат на јавна површина или во двор, се извршува според член 29 од Законот за урбано зеленило, во кој се вели дека потребата за сечење на оштетено дрво ја утврдува надлежната служба, а дека постапката започнува со барање на физичко, правно лице или по службена должност. Потоа, доколку се утврди потребата за сечење, на видливо место се обележува дека дрвото е за сечење или кастрење со црвена боја на височина од 130 сантиметри (сечење: „С“ или кастрење: „К“). Потоа со решение се определува рокот во кој ќе се спроведе решението. Против решението може да се поднесе жалба до Министерството за животна средина и просторно планирање.
При временска непогода или во друг случај кога има паднати дрвја на коловоз или на јавна површина, по дојава на Центар за управување со кризи, екипата на секторот Дрвореди излегува на терен и го отстранува дрвото – се објаснува на веб-страницата на ЈП „Паркови и зеленило“.

Поради зачестените паѓања на дрвја низ Скопје, најчесто врз паркирани автомобили, добро е да се знае дека обесштетување има само доколку за тоа дрво има решение за сечење од Секторот за комунални работи на Град Скопје.
Во случај на паднато дрво или гранка, постапката е прво да се извести МВР и да се направи увид и полициски записник на местото на настанот за констатација на состојбата. Потоа самиот оштетен прави фотографии како доказ (доколку е во можност) и доаѓа во Дирекцијата на претпријатието да го пријави настанатиот случај. Потоа се прави пријава на штетата која ја изготвува лицето за осигурување од ЈП „Паркови и зеленило“ и се доставува до осигурителната компанија со која е склучен договор за обесштетување – се вели во процедурата за обесштетување објавена на интернет-страницата на „Паркови и зеленило“.
При секој ветар паѓаат дрвја, но надлежните тврдат дека редовно ја контролираат нивната состојба