Стари лица / Фото: Marina Kovacevic / Alamy / Alamy / Profimedia

Старее македонското население: Пензионерите не можат да се потпрат ни на бастун ни на државата

Низ целата држава има пет државни домови за сместување стари лица со околу 600 легла. Но, тие се и повеќе од пополнети, а списокот на чекање се движи меѓу 250 и 300 граѓани. Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери за „Слободен печат“, вели дека е тажно и нехумано што домовите за старите лица не најдоа место во проектите за кои конкурирале општините

Сè подолги се списоците за прием во македонските домови за стари лица, нови не се изградени со години, а приватните се недостапни за повеќе од 90 отсто од сениорите. Иако според член 22 од Законот за локална самоуправа, една од надлежностите за општините се и домовите за стари (сопственост, финансирање, инвестиции и одржување), тие не се заинтересирани да учествуваат во оваа сфера.

Во достапните предлог-проекти со кои единиците на локална самоуправа учествуваа во јавниот повик, за распределба на владините 250 милиони евра за капитални инвестиции, нема ниту една апликација за изградба на старски дом?! Низ целата држава има пет државни домови за сместување стари лица со околу 600 легла. Но, тие се и повеќе од пополнети, а списокот на чекање се движи меѓу 250 и 300 граѓани. Последниот државен дом е изграден од пред неколку децении.

Станка Трајкова, претседателка на Сојузот на здруженија на пензионери за „Слободен печат“, вели дека е тажно и нехумано што домовите за старите лица не најдоа место во проектите за кои конкурирале општините.

– Добро е што се градат детски градинки, но што е со сместувањето на старите лица? Да, некој ќе рече има приватни домови, но дали тие се достапни за нашите примања? За да сместат некој постар член, семејствата мора да се организираат и да дотираат бидејќи цените во приватните домови се недостапни за најголемиот дел од пензионерите. Државата мора да направи национална стратегија за овој проблем и таа треба да ги опфати сите форми на социјална грижа и јавни услуги за најстарите, а тоа ние како сојуз веќе со години го бараме и инсистираме да се реши – објаснува Трајкова.

Интересот за сместување во некои од државните институции, произлегува од цените за сместување, кои во овие домови не се сменети со години. Тие се движат од 10.000 до 22.000 денари. Од друга страна, постојано се издаваат лиценци за отворање приватни домови за стари лица. Во моментов, такви се 42 и во нив се сместени околу 1.200 граѓани.

– Цените во приватните домови се речиси тројно повисоки од оние во државните и се движат од 40.000 денари па нагоре, а тоа е недостижно за повеќе од 90 отсто од пензионерите – додава Трајкова.

Засега се отворени 15 приватни домови за стари лица, со вкупен капацитет од 458 легла, а најголемиот дел од нив се во Скопје, а само еден во Неготино.

Најголемиот дел од пензионерите се со потпросечна пензија

Македонското население сè повеќе старее. Во периодот од 2009 до 2019 година, учеството на младото население (0-14 години) во вкупното е намалено од 17,7 на 16,2 отсто, а учеството на старото население (65 и повеќе години) е зголемено од 11,6 проценти  на 14,5 отсто. Процените се дека бројот на население во земјата во наредните години може да се намали и за 35 проценти.

Проекциите на Државниот завод за статистика укажуваат дека до 2070 година може да дојде до енормно намалување на населението на 1,3 милиони лица. Миграцијата останува најсериозен и најзагрижувачки проблем.
Според податоците на Фондот за ПИОМ, во државава заклучно со септември имало 342.745 пензионери, од нив со минимална пензија од 15.692 денари се 17.150 лица. Најголема е бројката на лицата со пензии од 15.692 до 19.409 денари (133.413). Просечно исплатената пензија за септември изнесувала 23.758 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот