Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Стаорците може да се вратат во дупките

Секогаш кога Данела ќе „замавне со метлата“ за да зачисти по јавните претпријатија, страдаат граѓаните.

По три дена живот во смрдеа и ѓубре, испразнетите контејнери низ Скопје ни изгледаат како најголема цивилизациска придобивка. Замислете, комуналците се вратија да го работат она за што се вработени и платени. Нема веќе преполни контејнери и стаорците слободно можат да си се вратат во „подземјето“ на градот. Животот продолжува.

Што можевме да заклучиме од она што нè снајде викендов? Прво, партиската пи-ар пропаганда е издигната на прилично високо ниво. На сите градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ истовремено „им текна“ да излезат на терен и да чистат, откако под итно им стигна механизација напомош од другите вмровски општини, а судејќи според вклучувањата во живо, поседуваат и добри телефони. Вистински инфлуенсери, што би рекла градоначалничката Данела Арсовска. Задоцни само градоначалникот на Центар Горан Герасимовски, кој прв најави, но последен почна со чистачките активности, зашто веројатно сдсмовската координација била побавна отколку на овие другиве.

Нема сомнеж во добрите намери на сите градоначалници дека сето ова (во еден дел) го направија за да им овозможат на граѓаните почист град, иако е јасно дека акцијата се сведе на по неколку исчистени контејнери во секоја општина. Реално, општините немаат ниту капацитет ниту механизација за да се справат со тридневно ѓубре низ Скопје. Но, затоа имаат неверојатен капацитет за собирање политички поени, особено кога станува збор за проблем со кој се соочува Арсовска, која токму ВМРО-ДПМНЕ ја донесе во градоначалничката фотелја.

Второ што можевме да заклучиме е дека на градоначалничката Данела Арсовска ѝ се зголемила нервозата и ѝ се влошил речникот. Нејзините советници (ако воопшто ги слуша) треба да ѝ укажат дека зборовите од типот мафијаши, бандити, ѓубриња и слично (и сето тоа непоткрепено со докази) не личи да ги изговара некој што е на чело на градот во службени обраќања во јавноста. Едноставно, тоа е под секое ниво на политичка и човечка комуникација.

И трето, секогаш кога Данела ќе „замавне со метлата“ за да зачисти по јавните претпријатија страдаат граѓаните.

Шест месеци скопјани се мачеа со јавниот градски превоз откако градоначалничката го прекина договорот со приватните превозници. Автобуси немаше, се чекаше на студот по еден час на автобуска постојка, а турканиците во возилата беа искуство што никогаш не треба да се повтори. И сето, според Арсовска, беше за да се стави во ред јавниот превоз во интерес на граѓаните.

Сега комуналците престанаа да го собираат ѓубрето, затоа што беше отпуштена една група вработени што 15 години земале плата, а не оделе на работа. Некои од нив и трајно отселени во странство. Имало вработени и по 40 луѓе од иста фамилија?!

Секоја чест на Арсовска и на директорката Косана Мазнева ако успеат да стават крај на вакви појави и злоупотреби во јавното претпријатие. Но, отстранувањето на неправилностите не се решаваат со тоа што „стапот ќе удри по грбот“ на граѓаните. Не се бркаат луѓе од работа со список на имиња закачени на огласна табла. Градоначалничката, како успешна менаџерка каква што се претставуваше во целата предизборна кампања, заедно со директорката мораа да се обидат да го изменаџираат проблемот без тоа да мора да го истрпи цело Скопје.

Што ако утре се јави проблем во „Водовод и канализација“, неправилности, злоупотреби, што ако тие таму решат да протестираат? Скопјани ќе останат без вода?

Ова што во изминатиов викенд се случи во Скопје, не смее никогаш да се повтори. Граѓаните не ги интересираат проблемите на јавните претпријатија, тоа треба да му ја мисли градоначалничката и директорите што таа ги постави. Скопјани само сакаат редовно да ја добиваат услугата за која плаќаат.

Вода мора да има, ѓубрето мора да се собира, автобусите мора да возат – и за тоа нема преговарање.

А за луѓето што не одат на работа и земаат плата, нормално е дека мора да има откази, исто како и одговорност за сите оние што со години ја допуштале и ја толерирале ваквата „работа“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот