Анита Ангеловска Бежоска-гувернерка на НБРСМ / Фото: ,,Слободен печат''

Стабилноста на денарот е загарантирана, нивото на девизните резерви е значително повисоко од она пред пандемијата, вели Ангеловска-Бежоска

Стабилноста на денарот е загарантирана благодарение на капацитетот и инструментариумот со кој располага Народната банка за одбрана на курсот на домашната валута, со акцент на девизните резерви коишто годинава се околу 40% над нивото од претпандемичниот период. Се очекува натамошно постепено стабилизирање на инфлацијата и следната година. Идната монетарна политика ќе зависи од инфлацијата и од девизниот пазар – ова го изјави гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска во интервју за Македонската телевизија.

Како што рече таа, и покрај бројните предизвици, Народната банка преку своите мерки успеала да ја одржи макроекономската стабилност, како и стабилноста на курсот на домашната валута во однос на еврото. Говорејќи за нивото на девизните резерви како главен инструмент за одржување на стабилноста на курсот, гувернерката посочи дека тоа е значително повисоко во однос на претпандемичниот период и додаде дека тоа се должи на постојаниот откуп на девизи од страна на Народната банка на девизниот пазар во изминатите две години, во услови на значително постабилен платен биланс особено трговската сметка, дознаките, како и солидните странски инвестиции.

Во однос на инфлацијата, гувернерката рече дека по просечната инфлација од 9,4% минатата година, таа во првите десет месеци од оваа година изнесува 3,4% и дека се очекува натамошно постепено забавување и следната година. Сепак, гувернерката посочува и на одредени ризици.

„Важно е да се истакне дека цените на примарните производи се под значително влијание на геополитичките случувања, а тој дел сѐ уште е ранлив, постои голема неизвесност и потребно е големо внимание. Дополнителни извори на ризици се секако домашните фактори, особено пазарот на трудот, на кој треба да му обрнеме особено внимание за да не се соочиме со нови бранови на инфлациски движења“, рече Ангеловска-Бежоска.

Гувернерката нагласува дека поставеноста на монетарната политика и во иднина ќе биде условена од инфлацијата и девизниот пазар.

„Доколку се задржат поволните трендови, без остварување на некои поголеми надворешни и домашни шокови, тоа секако ќе остави простор за натамошно олабавување на монетарната политика“, истакнува гувернерката Ангеловска-Бежоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот