Денари
Денари / Фото: МИА

ССНМ со апел до Владата за зголемување на минималната плата: Моменталната висина на минималецот е недостоен за пристоен живот на новинарите

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) апелира до Владата за зголемување на висината на минималецот. Како што велат оттаму, висината на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, а во кои спааѓаат и голем дел на новинари и медиумски работници.

„Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници во време на општата дебата за висината на минималната плата смета дека е неопходно да го соопшти својот став кој недвосмислено е за зголемување на минималната плата. Ставот на ССНМ кореспондира со актуелните барања на дел од синдикатите и вели дека покачувањето е повеќе од ургентно. Корекцијата е неопходна поради тоа што моменталната висина на минималната плата е недостојна за пристоен живот на работниците, меѓу кои и на новинарите и медиумските работници, чии интереси ги застапува Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници“, велат од ССНМ.

Последната опсежна анкета на ССНМ објавена во јануари 2024 покажа дека во медиумите повеќе од 50 проценти од вработените имаат примања под просечните, а голем дел од вработените се зависни од висината на минималната плата пропишана со закон.

„Со оглед дека платите во медиумскиот сектор речиси и да не поместени од мртва точка во изминатите две години може слободно да се каже дека три четвртини од ангажираните во медиумите сега се под просечната плата, а сѐ повеќе се зголемува бројот на оние кои се на минимална плата. Поради фактот дека голем дел од вработените во медиумите се директно поврзани со висината на минималната плата, ние како легитимен претставник на работничките права на новинарите и медиумските работници, бараме што е можно побрзо нејзино покачување. Социјалниот статус на новинарите и медиумските работници во земјата е на многу ниско ниво, а праксата досега покажала дека тој директно влијае врз степенот на мотивација, професионалност и посветеност што не смее да биде под знак прашање за тие што водат сметка за јавниот интерес во државата. Притоа нагласуваме дека во оваа професија неретко се случува луѓето да бидат истовремено ангажирани на повеќе работни места, за што најексплицитен пример се локалните медиуми, во кои вработените често се ангажирани и на по три работни позиции, најчесто на минималец, кој е, како што истакнавме, под секое ниво за достоинствен живот“, се вели во соопштението на ССНМ.

Од синдикатот на новинари бараат и очекуваат од Владата и работодавците решение кое е во согласност со потребите на медиумските работници, а тоа би значело висина на минималната плата на ниво на платите на медиумските работници од земјите од регионот.

„Пристојни плати на новинарите и медиумските работници значат и професионално новинарство, независно од центрите на моќ, и чувар на јавниот интерес и слободата на медиумите и изразувањето“, децидни се од ССНМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот