Архива на СП

ССМ донесе одлука: На 2 април ќе се протестира во Скопје, минималецот останува најнизок во регионот

Од последната прес-конференција се засилија нападите кон ССМ и другите синдикати од политичка партија и политички поставени директори кои земаат плати од нашите плати кои ги плаќаме како даноци – кажа претседателот на ССМ на прес-конференција и упати апел за поддршка на ССМ од страна на работниците

Сојузот на синдикатите на Македонија на 2 април излегува на протест на кој ќе ги извади своите членови на скопските улици. Претседателот на ССМ, по завршувањето на седницата на Претседателството иноформираше дека одлуката за штрајк е поради тоа што Владата еднострано усвоила информација, според која ја утврдија минимална плата, на штета на работниците во Македонија и неприфаќајки ги предлозите за висината.

Според Трендафилов, не се преговара со поголемиот дел на гранските синдикати на ССМ ниту за висината на платите во јавниот сектор.

-Од последната прес-конференција се засилија нападите кон ССМ и другите синдикати од политичка партија и политички поставени директори кои земаат плати од нашите плати кои ги плаќаме како даноци. Ги плаќаме за жестоко да се борат со закани и уцени, откази и намалување на плати на наши активисти, со цел да направат друг репрезентативен синдикат на штета на работниците – кажа претседателот на ССМ на прес-конференција и упати апел за поддршка на ССМ од страна на работниците.

Трендафилов истакна дека не се тука за да ја рушат Владата, туку за да им се покачат платите за да се живее достоинствено.

Завчера претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски рече дека за прв пат од 2012 година од кога е воведена минималната плата Владата донела одлука за усогласување на минималната плата, без претставници на работниците и работодавачите, односно без Економско- социјален совет. Од друга страна за заменик министерот за економија Марјан Ристески, владината одлука е легитимна.

Од СДСМ ја обвинија Владата дека одлуката за усогласувањето на минимална плата е срамна. Според нив: „папаја за Владата, трошки за народот“. Тие посочија дека граѓаните секојдневно се борат да преживеат, со високи цени, високи сметки, а со мизерни плати.

-Срамна, понижувачка и крајно неодговорна е одлуката на Владата за некакво бедно покачување на минималната плата од само 1.800 денари. Што да прават работниците со 1.800 денари во услови кога истата оваа Влада дозволи екстремно зголемување на цените на храната и на производите. Владата на ДПМНЕ очигледно нема допир со реалноста и покажува тотална негрижа за најважното, стандардот на граѓаните“, рече Кристина Костова – потпретседателка на СДСМ.

Минималната плата за 2025 година ќе се зголеми за 2.685 денари во бруто-износ, односно за 1.812 денари во нето-износ, рекоа од Владата. Речиси цела година синдикатите бараа минималната плата да се зголеми за дополнителни 6.000 денари, со тоа што Владата би ја субвенционирала разликата за придонесите кој треба да ги плаќаат работодавачите.

Со платата од 395 евра, Македонија ќе остане со најнизок минималец во регионот, бидејќи сите останати соседи веќе ја зголемија или ќе ја зголемат речиси до 1.000 евра.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот