косово србија
Фото: Profimedia

Србија е загрижена поради поддршката на Црна Гора за Косово

Српското Министерство за надворешни работи изрази загриженост поради „изјавите од Црна Гора во контекст на поддршка на независноста на Косово“ и „активното лобирање за членство на Приштина во меѓународните организации“.

Вчера, црногорскиот министер за надворешни работи Ервин Ибрахимовиќ, во интервју за РТЦГ, изјави дека неговата земја ќе го поддржи членството на Косово во меѓународните организации.

„Црна Гора ќе даде јасна поддршка кога ќе се постави прашањето дали Косово треба да биде во Европската Унија или во Советот на Европа“, рече Ибрахимовиќ.

Иако некои од владејачките партии не ја признаваат независноста на Косово, Ибрахимовиќ верува дека овој став нема да ја загрози владејачката коалиција, со оглед на тоа што Црна Гора има јасни приоритети во надворешната политика.

„Црна Гора е признаена од меѓународните партнери како земја што негува добрососедски односи. Затоа, ние ќе ја поддржиме нашата пријателска држава Косово бидејќи е приоритет на надворешната политика да бидеме следната членка на Европската Унија и тоа не е во спротивност со тоа“, рече Ибрахимовиќ.

Српското Министерство за надворешни работи ги оцени изјавите од Црна Гора како „спротивни на меѓународното право и Повелбата на Обединетите нации, но и на добрососедските односи“.

Во соопштението, српското МНР ги повикува соседите, вклучително и Црна Гора, да се воздржат од изјави и дејствија што би можеле да „ескалираат тензиите“ и да ја зајакнат меѓусебната доверба.

Црна Гора ја призна независноста на Косово во 2008 година, кога на власт беше Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот