Среќен ти роденден, сенилна Македоњо!

И овој роденден на македонскиот државен и културен проект ќе биде премолчан од целото македонско општество. Се чини како од смртта на Југославија, Македонците веќе да не смеат ниту да се сеќаваат – а камоли да ја слават – југословенската федерација, дури и по цена да го избришат од колективното сеќавање фактот дека македонската република била создадена во Југославија и од Југославија, на денешен ден пред 80 години.

Раново утро, исполнето со густа темница и роморење на есенскиот дожд, барајќи возбудлива тема за моево ноќно писание, сфатив дека сосем несвесно самиот длабоко загазив во неа, всушност, дека таа самата ме најде мене. Денес е 29 Ноември, и тоа не некој обичен ноемвриски ден, туку 80-ти роденден на втората Југославија, на југословенската федерација родена во пламенот на Втората светска војна. Што значи дека денеска е воедно и 80-ти роденден на македонската држава, оваа истата што ја живееме и ден-денес како суверена и независна Република Северна Македонија.

И, иако јубилеен, и овој роденден на македонскиот државен и културен проект ќе биде премолчан од целото македонско општество, исто како и триесет и кусурте родендени што ги проталкавме во срамна тишина, откога ја прогласивме независноста на Република Македонија. Се чини како од смртта на Југославија Македонците веќе да не смеат ниту да се сеќаваат – а камоли да ја слават – југословенската федерација, дури и по цена да го избришат од колективното сеќавање фактот дека македонската република била создадена во Југославија и од Југославија, на денешен ден пред 80 години, во преубавото босанско гратче Јајце, со одлука на Второто заседание на АВНОЈ (Антифашистичко собрание на народното ослободување на Југославија).

Заседанието на АСНОМ осум месеци подоцна – коешто го славиме како роденден на Републиката – е само остварување на Одлуката на Второто заседание на АВНОЈ, со која е воспоставена Федеративна Југославија и македонската Република како нејзин составен дел.

Третата одлука на Второто заседание на АВНОЈ

Второто заседание на АВНОЈ не случајно се одржало среде пеколната жестина на најголемата од сите војни, во истото време кога во Техеран се одржувала историската конференција на „Големата тројка“ сојузнички лидери, Сталин, Рузвелт и Черчил, кои ја договарале светската повоена геополитичка мапа. „Големата тројка“ била известена за одлуките на Второто заседание на АВНОЈ, за устројството на новата држава, нејзините конституенти и за другите одлуки на новосоздаденото врвно претставничко тело на новата држава, веднаш по завршувањето на заседанието, со што југословенската федерација и македонската република како свршен чин на создавањето ја почнале својата признаена меѓународна егзистенција.

Иако станува збор за неспорен историски факт, важно е да се повтори дека македонската држава, заедно со институциите на македонската култура – македонската нација, јазик и идентитет, се родени во гратчето Јајце, на 29 ноември 1943 година, покрај фасцинантните водопади на реката Плива, каде што природата не штедела кога ги делела природните убавини на езерото, реката, водопадите и брдата во кои Јајце било снесено и излегнато. Во слава на тој апсолутно единствен и неповторлив настан во историјата на вселената, ќе ја цитирам Третата одлука на Второто заседание на АВНОЈ, како извод од матичната книга на родените, во кој се запишани основните податоци за новородениот државен ентитет – името, датумот и местото во кое е роден, како и имињата на родителите: „ОДЛУКА Бр. 3 НА ВТОРОТО ЗАСЕДАНИЕ НА АНТИФАШИСТИЧКОТО СОБРАНИЕ НА НАРОДНОТО ОСЛОБОДУВАЊЕ НА ЈУГОСЛАВИЈА, ТОЧКА 3: За да се оствари принципот на суверенитет на народите на Југославија, за Југославија да претставува вистинска татковина на сите свои народи, и никогаш повеќе да не биде домен на која било хегемонистичка клика, Југославија се гради и ќе се изгради на федеративен принцип, кој ќе обезбеди полна рамноправност на Србите, Хрватите, Словенците, Македонците и Црногорците, односно на народите на Србија, Хрватска, Словенија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина“.

Не постои подостоинствен извод од матичната книга на родените држави, а сепак сите родени републики, вклучувајќи ја и македонската, упорно веќе три децении ја кријат, забрануваат и премолчуваат неговата содржина, со намера податоците за родното место, датумот на раѓањето и имињата на родителите да потонат во небиднината на заборавот.

Ревизија на историјата

Јасно е самото по себе – иако, исто така, премолчувано сево ова време – дека негирањето на фасцинантниот југословенски државен, политички и културен проект, е основната агенда на политичките движења што ја растурија југословенската федерација по смртта на нејзиниот водач Маршалот Тито. Тоа се ултранационалистичките политички партии што и денес ја држат или клучно партиципираат во властите на сите држави – бивши федерални единици.

Тоа се истите движења што соработувале со Хитлеровата оска на злото во Втората светска војна, тоа се рупниковците, усташите, четниците, балистите, вмровските контрачети и друг човечки талог што беше победен од страна на Титовите партизани, и што со прогласувањето на Декларацијата на Второто заседание на АВНОЈ беше – мислевме наивно – засекогаш фрлен на ѓубриштето на историјата.
Факт е дека во деведесеттите години и наваму, фашистичките и сродните ултранационалистички движења почнаа масовно да ја преземаат власта, првин во посткомунистичките држави, а потоа и во другите држави на Европа, а национализмот, националните идентитети и неоколонијализмот станаа најважните политички програми и пошироко во светот.

Првото што овие нови хегемони направија, првото што новите фашисти направија е да го контролираат минатото, односно да извршат една темелна ревизија на историјата, во која основната поставка ќе биде замената на местата на победниците и поразените во Втората светска војна. Денес, веќе и со званични декларации изгласани во Парламентот на ЕУ, со многу национални закони и декларации во демократиите на Европа, јасно е утврдена единствената историска вистина што ќе важи за во иднина: фашистите беа добрите дечки што победија во војната, а комунистите беа најлошите скотови што завиткаа во црнина пола Европа и свет, и ги предизвикаа безмалку сите несреќи на целата планета.
Јасно е дека нашето молчење за фактите од нашиот државен извод од матичната книга на родените е само последица од ревизијата на историјата што фашистите на денешницата, престорени во демократи од сите видови, ја извршија врз минатото од дваесеттиот век што сметавме дека е формативно за сите нас и за човештвото во целина.

Но згрешивме и, за жал, ја испуштивме контролата над минатото. За она најстрашното, пак, не сме ни свесни: ревизијата на историјата и контролата на минатото што ја преземаа во своите раце поразените во Втората светска војна, поминува потполно без да биде забележана од нашата, европската и светската јавност. А, таа несвесност за болеста на меморијата и когнитивниот апарат, е дистинктивниот симптом на секоја деменција и на секоја Алцхајмерова болест.
И, на крајот, среќен ти 80-ти роденден, сенилна Македоњо, уживај во блаженоста на својата деменција, во неспознавањето на својот терминален заборав!

(Авторот е архитект и универзитетски професор)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот