
Среќен крај на потрагата: Исчезнатата британска новинарка пронајдена жива и здрава во Бразил
Британската новинарка Шарлот Алис Пит (32) е пронајдена во Бразил, жива и здрава, речиси четири месеци откако исчезна.
Препорачано
Според „Дејли меил“, новинарката, која работела за неколку медиуми, вклучувајќи ја „Ал Џезира“ и британски новински веб-страници, била пронајдена во хотел во градот Сао Паоло, се вели во полициското соопштение. Како што беше разјаснето, таа рекла дека не сака да има никаков контакт со своето семејство.
Пит исчезна на почетокот на февруари, а нејзиното семејство изрази загриженост за нејзината судбина. Сепак, полицијата потврди дека младата жена намерно прекинала секаква комуникација, а случајот е затворен.
Новинарката отпатувала во Бразил во ноември 2024 година без да го информира своето семејство. На почетокот на февруари, таа била видена како се качува во автобус од станицата Тиете во Сао Паоло до Рио де Жанеиро. Таа била забележана и во бар во близина на плажата Копакабана, додека бразилските медиуми објавиле нејзини фотографии направени на 15 февруари во бар на плажа.
Според извештаите, Пит пристигнала во Рио вечерта на 8 февруари, каде што првично престојувала во хостел во Копакабана до 17-ти во месецот, пред да се пресели во друг хостел во населбата Ботафого.
Нејзината пријателка, со која последен пат комуницирала на 8 февруари го пријавила исчезнувањето. Таа ѝ кажала дека е во Сао Паоло и дека има намера да патува во Рио за да бара сместување. Меѓутоа, кога не одговорила на последователните пораки, нејзината пријателка и роднини почнале да се грижат.
Случајот доби публицитет и во Велика Британија, а нејзиниот татко Дерек Пит изјавил: „Не би рекол дека е нормално. Нешто очигледно ѝ било на ум, инаку ќе нè информирала.“
Само четири дена пред да замине од Сао Паоло, Пит објави оглас за изнајмување на стан во Лондон на Фејсбук група.
„Здраво, барам двокреветна соба во Јужен или Источен Лондон… Имам 32 години, новинарка, организирана, сакам да читам, да вежбам и да разговарам со пријатели“, напиша таа.
Сепак на крајот, случајот со исчезнувањето на 32-годишната жена има среќен крај.