Евгенија Здравевска, попозната како Зарина Првасевда / Фотографија: Соња Ставрова

Средба со Зарина Првасевда: Секогаш се потпирам на сопствениот погон

Вокалната солистка Евгенија Здравевска, попозната како Зарина Првасевда, со нејзината група е една од најпријатните и најкреативните појави во областа на традиционалниот музички израз, а својот прв настап годинава ќе го има на 24 февруари во „Паблик рум“ во Скопје.

Музиката на Зарина Првасевда е еден од најизвезуваните македонски продукти на европските музички фестивали во текот на минатата година. Оваа година за Зарина Првасевда и нејзиниот бенд почнува со концерт на мини-фестивал во „Паблик рум“.

На 24 февруари во „Паблик рум“ ќе имате концерт во рамките на проектот „Светско, а наше“. Со каков концепт ќе биде концертот?

– Токму така. Концертот што ќе се случи во „Паблик рум“ ќе биде своевидно отворање на концертната сезона за оваа година и ќе биде во духот на она што и досега сме го работеле, а тоа е прошетка низ традиционалната музика од Балканот, со динамика водена од ритми, звуци и мелодии, вклопени во аранжмани кои се неконвенционални во однос на класичниот фолклор, но сепак, со корени длабоко вплетени во автентичниот звук на музиката што сведочи за едни многу дамнешни времиња.

Покрај албумот „Ехо“, ќе има и по некоја нова песна што се спрема да влезе и на следниот албум или е во тесна селекција. Како и да е, сигурна сум дека ќе биде уживање за оние што во традиционалната музика наоѓаат мир и задоволство.

Минатата година остваривте извонреден успех на меѓународен план со концерти на некои од најзначајните европски, но и домашни фестивали. Какво искуство созреа во Вас со тие настапи?

– Да се биде виден и препознаен надвор од сопствената држава, особено кога се пее на јазик што не е универзален, е навистина голем комплимент. Наградата „Најдобар нов талент на UpBeat“ беше еден подарок за финалето на 2023 година и признание за напорните труд и работа коишто ги вложив во ова што го работам, како кормило на бродот што плови низ широки, а понекогаш, богами, и немирни води.

Во исто време, домашните фестивали како „Оф-фест“ и „Д-Фестивал“, кои имаат интернационален карактер и високи стандарди во однос на естетиката на музика која ја презентираат, да бидат домаќини и да отворат врата за мене е, исто така, голем благодат. Овие работи, несомнено, го зреат уметникот во однос на неговите верувања, како и во чувството дека сте на правиот пат, а со тоа му даваат своевидна инспирација за понатамошен развој.

Минатата година Зарина Првасевда со својата група настапи на многу фестивали дома и во странство

Процесот на зреење како уметник и артист, желбата за создавање дела кои ќе останат како трајна вредност дури и после нас, е пат што трае додека уметникот е жив, а со тоа, процесот на учење е во тек од утро до мрак, секој ден, засекогаш. Работиме и секој ден разбираме дека, речиси, сме на почетокот… Тоа е една од најубавите работи што го прави ова патување интересно и возбудливо. Со нетрпение очекувам да видам што ќе понуди 2024 година како нови сознанија и искуства.

Одличниот албум „Ехо“ беше објавен за најголемата дискографска куќа во регионот – „Кроација рекордс“. Каков е односот на дискографската куќа кон музичките уметници?

– Хм… интересно прашање. Како и за сѐ друго на овие простори, уметникот мора да е свесен дека за да дојде до живеење како уметник, претходно мора да биде сам свој дигитален дистрибутер, менаџер, ПР, букинг агент, тур-менаџер, по потреба и шофер и сѐ друго што во моментот недостасува. Токму затоа, моите очекувања не се големи во однос на тоа што некој друг за мене ќе направи, туку секогаш се потпирам на сопствениот погон.

Да се биде виден и препознаен надвор од сопствената држава, особено кога се пее на јазик што не е универзален, е навистина голем комплимент / Фотографија: Соња Ставрова

Какви се плановите за следниот албум и концертни настапи со Вашата група?

– Последниве два месеца се одморав и бев во процес на рефлексија на изминатата година, имав доволно време да размислам, да видам што можам да поправам, да додадам и одземам и полека, но сигурно, ги склопувам целите за оваа година, кои водат до поголемите слики што ги имам во главата од самиот почеток до денес.

За оваа година имаме неколку големи задачи во име на музиката, а тие главно почнуваат со нашата подготовка за мојот концерт на еден од најголемите фестивали за Светска традиционална музика во Европа, „Балкан трафик“, кој ќе се одржи на 27 април во Брисел. Покрај тоа, свој концерт ќе одржам и на Самитот на претседатели на влади и држави од земјите од Европската Унија на 29 април во Брисел, a ќе одржам и уште неколку концерти во регионот, за кои сѐ уште чекам датуми.

На голема врата работиме и на новиот албум, кој е речиси готов, а богами и за голем промотивен концерт, кој ќе се случи при крајот на оваа година, ако оди сѐ по планот. Се разбира, имаме и други концерти што ќе се случат во нашата држава и наоколу, за кои сѐ уште потврдуваме термини, а отворени сме и за нови датуми. Ќе ми треба само здравје и многу сила и поаѓаме со музиката во клунот, љубовта во градите, преку долини и реки, преку планини и мориња… да ја посееме за да ни расте поголема и побујна, зашто „жетвата е голема, а жетвари се малку“.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 218, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 17-18.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот