фото: Кабинет на претседателката Гордана Сиљановска Давкова

Средба на претседателката Сиљановска Давкова со македонисти од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, во „Вила Билјана“ во Охрид, ги прими македонистите од 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, соопштуваат од нејзиниот кабинет.

– На средбата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за реализацијата на тековните и планираните активности и содржини на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ којашто се одржува во Охрид до 29 август годинава – известуваат од кабинетот на Сиљановска Давкова.

Истакнувајќи го големото значење на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура за изучувањето и афирмацијата на македонскиот јазик, претседателката оценила дека големиот интерес во светот за македонистиката преку дејноста на 11 македонистички лекторати, ја нагласува потребата од нивно зголемување и преку универзитетски центри за изучување на македонскиот јазик, литература и култура.

– Претседателката им посака успешно реализирање на предвидената програма на 57. Летна школа, додавајќи дека истата со своите разновидни содржини претставува можност за стекнување на едукација во пракса, остварување на различни видови на соработка и придонесува за развојот на лекторатите по македонистика во светот и културната дипломатија, велат од кабинетот на претседателката.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура досега има организирано 56 летни школи и три зимски школи, како и 50 меѓународни научни конференции на кои учествувале повеќе од 4.000 учесници од над 60 земји, меѓу кои истакнати македонисти, професори по македонски јазик и литература на странските универзитети, слависти, балканисти, преведувачи, научни работници и студенти што го изучуваат македонскиот јазик во нашите лекторати и универзитетите во светот. На годинешната 57. Летна школа којашто се одржува под мотото „Македонистички гордорек“ учествуваат 65 македонисти од 17 земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот