Српска полиција/ Фото EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Србија протерала македонски НВО-активисти – ги испрашувала полиција и ги прогласиле за „безбедносна закана“

Граѓански активисти од земјите-членки на ЕУ и од Западен Балкан, кои биле учесници на меѓународната конференција на граѓанското општество, биле замолени да ја напуштат Србија, откако биле испрашувани од полицијата. Тие потоа добиле забрана за влез во земјата со образложение дека биле означени како „безбедносен ризик“, објави порталот „European Western Balkans“. Според написот, меѓу протераните имало и активисти од Македонија.

Во текот на ноќта помеѓу 21 и 22 јануари, група учесници на конференцијата на граѓанското општество организирана во Белград од НВО Академија и поддржана од австриската фондација ERSTE и Виенскиот универзитет за економија и бизнис, беа неочекувано испрашувани од полицијата, а потоа од нив било побарано да си заминат од Србија во рок од 24 часа. Ним им била изречена забрана за влез во Србија во траење од една година и не им било дадено никакво конкретно објаснување за ваквата одлука донесена од полицијата.

Најмалку 14 учесници на конференцијата биле замолени да ја напуштат Србија, дознава порталот. Тие биле од Хрватска, Албанија, Австрија, Словенија, Чешка, Романија, Молдавија и Македонија.

Еден од учесниците од Хрватска за тамошните медиуми изјави дека таа и нејзините колеги во вторникот доцна во нивниот хотел ги пречекала српската полиција, а потоа биле однесени во полициска станица на распит, кој траел неколку часа. Според неа, ним не им биле кажани речиси никакви информации за нивниот статус и за процесот на кој биле подложени.

По распитот, на учесниците им биле дадени решенијата на МВР со кои се означени како безбедносен ризик за Република Србија и било побарано од нив да ја напуштат државата во рок од 24 часа. Тие добија и забрана за влез во Србија од една година.

Во Србија во моментов се случуваат големи протести по трагичниот колапс на дел од железничката станица во Нови Сад во ноември. Владејачката партија, Српската напредна странка на претседателот Алесандар Вучиќ и провладините медиуми во повеќе наврати тврдеа дека протестите биле поддржани од странство, без да дадат конкретни докази. Сепак, во одлуката на протерувањето на активистите, наводно, МВР не се повикува на протестите.

Во последниве години, Србија забрани неколку лица да влезат во земјата или нареди да бидат сослушани на границата, бидејќи тие беа означени како безбедносен ризик од државните институции. Во повеќето од овие случаи, лицата подложени на овој третман беа отворени критички настроени кон актуелната српска власт. Овие чекори беа широко критикувани како авторитарни.

Меѓутоа, ова е првпат група луѓе без очигледна вмешаност во српската внатрешна политика да биде означена како безбедносна закана и да ѝ биде забранет влез во земјата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот