
Србија ќе произведува компоненти за француските борбени авиони „Рафал“
Српската фабрика за авиони „Утва“ од Панчево ќе произведува сложени склопови за француските повеќенаменски борбени авиони „Рафал“. Веста ја потврди помошник-министерот за одбрана за материјални ресурси, д-р Ненад Милорадовиќ, нагласувајќи дека станува збор за „многу сложени и високотехнолошки компоненти, објави порталот за авијатика „Танго шест“.
Препорачано
Индустриска соработка со Франција
Оваа потврда доаѓа само два дена по потпишувањето на договорот за индустриска соработка меѓу српското Министерство за одбрана и францускиот производител „Дасо Авијација“. Договорот предвидува вклучување на домашни компании во производството и модернизацијата на делови за воена авијација.
Според информациите на специјализираниот портал „Танго шест“, покрај склоповите што ќе ги произведува „Утва“, договорот опфаќа и трансфер на технологија и хардвер и знаење од „Дасо“ во рамки на програмата за модернизација на борбените српски авиони „Орао“.
Тоа претставува значителен чекор за домашната авио-индустрија, бидејќи ќе овозможи локални капацитети да стекнат пристап до современи технологии.
Милорадовиќ уште во јули најави дека Србија ќе учествува во големи проекти на индустриска соработка со француските компании „Дасо“, „Талес“ и „Сафран“. Дел од нив се директно поврзани со проектот „Рафал“, а дел се пошироки иницијативи кои ја засилуваат технолошката соработка и модернизацијата на српската одбранбена индустрија.
Геополитичко значење
Вклучувањето на Србија во синџирот на производство на „Рафал“ ја позиционира земјата како фактор во европската авио-индустрија. Освен економските придобивки, ова е и сигнал за продлабочување на одбранбената и технолошка соработка меѓу Белград и Париз, во време кога регионот на Западен Балкан е под зголемено геополитичко внимание.