
Според Димитриеска-Кочоска: Студените јануари и февруари им пресудиле на капиталните инвестиции
Минатата недела министерката за финансии најави дека ребаланс на буџетот ќе има и очекувано е тоа дека ќе се случи, но дека ќе биде во летниот период
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска смета дека реализацијата на капиталните расходи се одвивала според планираното, иако во првите три месеци се остварени нешто под 10 отсто. Од предвидени 47,2 милијарди денари во годинашниот буџет за капитални расходи, заклучно со 8 април се реализирани 4,49 милијарди денари. Според неа, студените јануари и февруари, не биле поволни да се гради, што е пресудно за инфраструктурните проекти кои се одвиваат на отворено.
Препорачано
– Во јануари и февруари времето беше студено, а како што знаете, најголем дел од капиталните расходи се поврзани со инфраструктура. Очекувам зголемена реализација во следните месеци – изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа додаде дека Владата е фокусирана на инфраструктурни проекти и очекува поамбициозна реализација на капиталните инвестиции во периодот што следува. Министерката рече и дека сега има нова методологија за евидентирање на капиталните расходи и таа ќе даде пореална слика за фактичката имплементација на проектите. Според неа, нема да има вештачко прикажување на капиталните расходи, само за граѓаните да видат дека нешто се работи, критикувајќи ја претходната власт дека во изминатите седум години „речиси и да не постоела реализација на каков било проект“.
Инаку, минатата недела министерката најави дека ребаланс на буџетот ќе има и очекувано е тоа дека ќе се случи, но дека го очекува во летниот период.
– Сега ќе имаме мини прераспределба, откако ќе заврши јавниот повик за општините, а прераспределбата што ја планираме е бидејќи не можевме однапред да ги предвидиме парите во кое министерство да се доделат – рече Димитриеска-Кочоска во разговор за МИА.