Нико Беќаровски / Фото: Архива на „Слободен печат“

Специјализантите му се налутија на Нико Беќаровски: Никој немал ќар од нас, а ни бараше да дежураме на Токсикологија без пари

Здружението на лекари специјализанти реагира по вчерашните изјави на доктор Нико Беќаровски и на доктор Предраг Серафимовски кои кажаа дека приватните специјализации не се желботека, туку дека сите што учат медицина треба да специјализираат во области кои што се дефицитарни за да може после тоа да му служат на државното здравство кое кубури со кадар, наместо да заминуваат во странство и да отвораат приватни ординации а претходно државата да им го плаќа специјализирањето.

Специјализантите се налутија и се навредија од изјавите дека земале надоместок за нивната приватна специјализација од 26 до 28 илјади денари и дека потоа државата од нив нема никаков бенефит зашто заминуваат да работат или во странство или во приватна сопствена ординација.

„ЗЛС ја поздравува оваа нова ненадејна заинтересираност од страна на Синдикатот за проблемите и статусот на специјализантите во земјава, но им порачуваме пред да излезат во јавност со паушални и благоречено навредливи изјави, го покануваме Синдикатот за подобро да се информираат за улогата и статусот на специјализантите во државата. ЗЛС по овие прашања активно и успешно се бори од 2016 година и ваквите изјави се директно спротивни на се она што се залага ЗЛС. Здружението на лекари специјализанти го потсетува синдикатот дека сумата од 26-28 000 денари се исплаќа на име надоместок за работа, која специјализантите ја добиваат како валоризација за активната работа која ја вршат за време на турнусите во амбулантите и болниците. Тие средства, кои со моменталната инфлација се во висина под секое достоинство, Не се пари за наше усовршување, туку плата, која се исплаќа со договор на дело, исто како и за сите останати непријавени здравствени работници кои работат по болниците ширум државата. Нашата школарина која ја плаќаме на факултетот за усовршување и која изнесува 10-13.000 евра ја плаќаме од наш џеб и државата во тоа нема вложено ни денар. Доведување на надоместоците за извршена работа е нешто што најмалку се очекува од Синдикат, кој треба да се бори за права и статус на сите лекари и здравствени работници воопшто“, велат од Здружението на лекари специјализанти.

Здружението на лекари специјализанти ги потсетува синдикалните претставници дека овие приватни специјализанти од кои никој нема бенефит во текот на ковид 19 пандемијата беа вклучени рамо до рамо со сите вработени колеги во ковид центрите ширум државата, иако во тој момент најголем дел од нив немаа здравствено осигурување. Понатаму, голем дел од овие приватни специјализанти, напротив, се вработуваат во јавното здравство, најчесто на крај или по специјализирањето, па така јавното здравство добива готови или скоро готови специјалисти во чија школарина вложила многу малку или ништо.

– ЗЛС го потсетува проф д-р Нико Беќаровски дека во 2018 година, во мандатот како директор на ЈЗУ УК Токсикологија, тој лично бараше сите специјализанти од интерна медицина, дури и оние кои не турнусираа на токсикологија и немаа никаква врска со таа клиника, да покриваат дежурства, односно 12 часовни дневни и ноќни смени во неговата клиника под изговор дека тоа било „едукација”, без притоа да понуди соодветен надоместок ниту за работните часови, ниту за ноќен труд, иако и тогаш имаше соодветна законска рамка која го дозволуваше тоа. Нас нè радува фактот дека колегата го променил ставот во однос на ова прашање и сега се бори за платени дежурства од оваа позиција денес, но во однос на платените дежурства би сакале да појасниме дека не е точно дека дежурствата не се плаќаат на голем дел од специјализантите. Имено, по долго залагање и инсистирање ЗЛС успеа да се избори уште во 2020 година за надоместок за дежурства за сите приватни специјализанти, но остана отворено прашањето за државните специјализанти, велат од Здружението.

Дополнително појаснуваат дека главната причина зашто државните специјализанти не добиваат надоместок за својата работа не е Министерството за здравство, туку одредба во колективниот договор на ССКЦ.

„Иако два последователни министри за здравство се согласија да се направи измена на колективниот договор за исплата на надоместоци за дежурства за државните специјализанти, мораме да констатираме дека Синдикатот никогаш не се одзва на задачата да дискутира и да направи промена во колективниот договор по однос на оваа точка и да го затвори ова прашање. Во однос на колективниот договор ја користиме ова прилика да го изнесеме и прашањето за израмнување на бодот субспецијалист со новите насочени специјализации, кои исто така имаат времетрање од 6 години како и некогашната форма на специјализација плус субспецијализација. Повторно ЗЛС оствари средба во неколку наврати на оваа тема во Министерството за здравство и со сите актуелни министри во дадениот момент, но никогаш не беше присутен член на синдикатот, ниту пак ова прашање покренато на некоја од самостојните средби на Синдикатите со Министерството за здравство“, додаваат од здружението.

Според нив, нерешавањето на ова прашање значи намалување на платите на лекарите во рамки на сите јавни здравствени установи низ државата, бидејки секоја нова генерација на специјалисти ќе зема помала плата од постарите колеги кои завршиле по друга програма за специјализација, а вршат исти работни обврски и имаат иста должина на стручно усовршување.

„Ова е уште едно прашање за кое синдикатот очекуваме да се одзве и да го актуализира.
Здружението на лекари специјаизанти (ЗЛС) е секогаш отворено за секакви соработки кои се во насока на подобрување на статусот и едукацијата на специјализантите и доколку претставниците на Синдикатот навистина се заинтересирани да вложат напор за затворање на овие прашања, ЗЛС ги нуди целосно своите капацитети да помогне во остварување на овие цели за сите специјализанти, без оглед дали се приватни или државни“, се додава во реакцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот