
Спасовски за пукањето во „Ист Гејт“: Повеќе тимови работат на расчистување на случајот, станува збор за криминална пресметка
„Веќе активно работиме на случајот. Приклучени се форензика, одделот за организиран криминал и заеднички се прибираат податоци за да се открие сторителот“, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во врска со вчерашното пукање во трговскиот центар „Ист Гејт“ каде се ранети две лица.
Препорачано
„Во еден град како Скопје, но и во другите градови, секако дека криминални активности се случуваат секој ден и работата на полицијата е да работи на подобрување на безбедноста, не само во делот на криминалот, туку и сообраќајот. Вакви изолирани инциденти се случуваат и ќе се случуваат“, изјави Спасовски за медиумите кој присуствуваше на отворање на нов објект за форензички испитувања на МВР.
Спасовски вели дека е на полицијата и е позната заднината на лицето кон кое е пукано.
„Станува збор за криминална пресметка, се знае заднината на лицето кон кое е пукано и конфликтите практично тие криминални групи што се разбиени, во многу оперативни акции, самите сте сведоци дека само во последниот месец имаме приведени три лица, дел од тие групи говори за еден висок степен на ангажираност …“
Министерот предупредува граѓаните да внимаваат од каде се информираат, да ги земаат со доза на резерва пишувањата на социјалните мрежи.
„Информациите земајте ги од официјални извори преку институции, тоа што ќе се напише на социјалните мрежи да не се зема со сериозност бидејќи тоа не може да се каже дека е така затоа што сите докази се прибираат во рамки на истражната постапка“, изјави Оливер Спасовски.