
Спасов во Софија починал од срцев удар, покажала обдукцијата – семејството ги демантира шпекулациите
26-годишниот Стојан Спасов од Виница, кој викендов беше пронајден мртов во Софија, починал од срцев удар, покажува извештајот од обдукцијата во Софија. Семејството на починатиот, кое го добило извештајот од бугарската Судска медицина, во изјава за порталот „ММС“ ги демантира шпекулациите дека тој бил убиен, кои можеа да се прочитаат во дел од медиумите.
Препорачано
– Не сакаме никој да ја почуствува болката што ја чувствуваме ние, но сепак сметаме дека секој треба да има барем малку човечност и доблест во себе. Нечесно е на нечија туѓа несреќа да се добива внимание и медиумска популарност. Според документот што го добивме од Судска медицина, по направената аутопсија, утвредно е дека причината за смрт е срцев удар. Затоа се надеваме дека Бог ќе им даде ум на сите луѓе што не се свесни што пишуваат. Не осудуваме никого и не бараме ничија помош, нашите блиски се со нас. Единствен начин да се помогне е да се каже вистината, а вистината е таа што ја кажавме. А тоа што го кажавме, ни го потврдија и од нашата амбасада. Нам ни останува сами да тагуваме до крајот на нашите животи. Сите што лично го познаваа, знаеја каков човек и спортист беше. А тие што не го познаваат, можат да мислат и да зборуваат што сакаат, велат од семејството.
Спасов бил пронајден починат пред трговски центар во бугарскиот главен град пред три дена, но веста за неговата смрт дури вчера беше објавена во медиумите.