Отворање на изложбата во галеријата „Остен“ / Фотографија: Мерт Расим

Современиот полски уметник Кжиштоф Конопка во „Остен“ го претстави својот уметнички стил орапизам

Во галеријата „Остен“ од 2 до 22 октомври е поставена самостојна изложба на современиот полски уметник Кжиштоф Конопка со наслов „Орапизам – уметност на инацијата“. Изложбата е резултат на активната меѓународна дејност на „Остен“. Изложбата е поддржана од Амбасадата на Полска во Северна Македонија.

Кжиштоф Конопка (р.1963) е современ полски уметник и основач на Орапизмот. Уметничкиот пат на Конопка произлегува од потрагата по одговорот на прашањето „Кој сум јас?“. Со отфрлање на интелектуалните шеми, тој доаѓа до практикување на чисто, интуитивно креирање.

За иновативната техника Конопка користи шпатула и виљушка со масло на платно, лен и картон. Освен изложбите, неговата уметност била инспирација за модни колекции во Венеција, се појавила во телевизиски продукции, а била дел и од меѓународни добротворни и уметнички аукции.

Орапизам е ново движење кое ги интегрира уметноста, филозофијата и науката. Вкоренет во потрагата по автентично искуство, Орапизмот се стреми да ја надмине креацијата водена од егото и да ги покани и уметникот и гледачот во простор на присуство, свест и трансформација. Црпи инспирација од невробиологијата, теориите на свеста и духовните традиции, со цел да ја помести перцепцијата од одвоеност (Его) во интеграција (Јас). Процесот на творење повеќе наликува на медитација отколку на сликање.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 301, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 4-5.10.2025)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот