Советот на обвинители не избра шеф на Вишото скопско обвинителство, Абази седна во столчето на Рускоска

Советот на јавните обвинители на денешната седница не избра шеф на Вишото скопско јавно обвинителство. Официјалното образложение е дека на членовите им е потребно дополнително време за да ги разгледаат оценките и досијеата на пријавените кандидати. За шеф на Вишото скопско обвинителство се кандидирани постојниот обвинител Мустафа Хајрулахи, како и Бурим Рустеми и Фатиме Фетаи кои беа дел од поранешното Специјално јавно обвинителство,  а потоа беа избрани за виши обвинители. Изборот е одложен за следниот понеделник.

Почетокот на денешната седумдесетта седница на Советот на ЈО доцнеше час и половина, а кога стигна точката за избор на за вишото скопско обвинителство, седницата беше одложена.

Претседателот на Советот на ЈО Антонио Јолевски, одговарајќи на новинарски прашања по седницата, рече дека и доцнењето на денешната седница било токму со цел членовите да ги разгледаат досиејата за да може денеска да биде завршен изборот.

– Ги читаа досиејата кои стигнаа во петокот, меѓутоа им требало повеќе време за секој да го проучи досието за јавните обвинители. Сите имаа примерок што им беше доставен во петокот, а некои и утринава и сметаа дека им треба дополнително време. Јас не можам да се мешам во тој дел, затоа што и онака сме тенки со мнозинството и не можам да дозволам некој да рече дека не може да гласа и да замине – изјави Јолевски.

Тој додаде дека оценките и досиејата за секој јавен обвинител се од доверлив карактер и така и се разгледуваат.

По разгледувањето на двете точки за именување на Ислам Абази за шеф на ОЈО ГОКК Јолевски ја прекина седницата, на чиј дневен ред покрај изборот на Виш јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Скопје и во Гостивар, се и одлуките за избор на шефови на ОЈО Битола, ОЈО Велес, ОЈО Гостивар, ОЈО Кавадарци и ОЈО Куманово. На дневен ред е и носење на одлука за објавување на оглас за избор на четири јавни обвинители во ОЈО ГОКК, откако на 27 октомври Советот не избра ниту еден од шестмината пријавени кандидати на претходниот оглас.

Денеска единствено беше донесена одлука за именување на новоизбраниот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Ислам Абази, кој ја доби целокупната поддршка од членовите на Советот.

Членовите Коле Штерјов и Љубомир Јовески истакаа дека Абази се покажал како добар менаџер и во Вишото обвинителство во Гостивар, бидејќи откако стапил на функцијата во првата година биле преполовени, а потоа и целосно расчистени сите застарени предмети, што е добар показател за неговите менаџерски и стручни капацитети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот