
Совети од флористката Ане Блу: За чист воздух и подобро расположение раззеленете го домот
Домот исполнете го со многу салонски зелени растенија чии листови се најмоќниот филтер – прочистувач создаден од природата. Раззеленете го домот за чист воздух и подобро расположение.
Загадениот воздух и магловитото време во овој период од годината нè принудува поголемиот дел од времето да го поминеме во нашиот дом. Иако прозорците се затворени и се внимава кога да се проветри, за жал, преостанатите дрвја и зеленило во природата се немоќни да се справат со големото ниво на загаденост во воздухот.
Препорачано
Кое е решението за овој проблем? Дом исполнет со многу салонски зелени растенија чии листови се најмоќниот филтер – прочистувач создаден од природата. Раззеленете го домот за чист воздух и подобро расположение.

За да го направиме вистинскиот избор на најдобрите растенија прочистувачи, поразговаравме со Ане Блу, професионален флорист и креатор на цветната онлајн галерија и шоп „Ane Blue Flowers“.
Иако изборот е голем, Ане направи селекција на растенија, кои покрај тоа што се моќни природни прочистувачи на воздухот, воодушевуваат со својата убавина и се прекрасен украс во домот или во работниот простор.
Монстера – инфлуенсер меѓу растенијата
Растение што покрај тоа што е одличен прочистувач на воздухот, може да се закити со уште една титула, а тоа и најдобриот инфлуенсер меѓу растенијата. Социјалните мрежи се преплавени со фотографии од прекрасната Монстера. Ова салонско растение името го добило од францускиот ботаничар Адансон во 1763 година, а најверојатно се однесува на необичниот облик на листовите со длабоки исечоци, кои може да дадат „монструозен“ изглед и на нејзината способност да расте и до 20 м висина при соодветни услови.

Уште една предност кај ова салонско растение е што одлично ја поднесува топлината од централното греење. Не треба премногу да ја залевате и најдобро е да се исуши почвата помеѓу две залевања. Ова растение е лесно за одгледување и главно отпорно на штетници.
Замија – растение што носи среќа
Ова зимзелено растение потекнува од Африка, а поради раскошниот изглед и лесното одржување во последниве неколку години стана особено популарно како собно саксиско цвеќе.

Многу често може да се забележи како разубавува нечија канцеларија, новоотворен бутик или салон за убавина. Според фенг-шуи верувањата, ова интересно салонско растение ќе ви донесе пари, среќа и успех како на работен план така и во домот, а притоа гарантирано ќе ви донесе чист воздух.
Дебелите мали ливчиња што наликуваат на парички се одличен, природен „нано-филтер“.
Салонски палми – лето преку целата година
Палмите имаат некоја посебна магија со која делуваат на вашето расположение и по напорниот ден. Нивната раскошност и убавина ги прави неодолив украс во домот. Удобно сместени во вашата дневна или спална соба ќе уживаат и кога температурите ќе паднат, а додека надвор е студено и магловито, вие ќе можете да уживате покрај вашата палма и некој освежителен коктел по напорниот работен ден.

Салонските палми воодушевуваат со својот раскош, а притоа се познати како одлични природни прочистувачи на воздухот во затворени простории.
Најчесто достапните палми се Шамадореа, Арека и Драцена.
Драцена палмата го прочистува воздухот од формалдехид (содржан во фарбите, теписите и завесите) и бензен (го има во фарбите и во синтетичките влакна).
Сансеверија – растение за во спалната соба
Сансеверијата е многу отпорно декоративно собно растение. Потекнува од тропските делови на Јужна Африка. Идеална е за одгледување кај луѓе што имаат премногу работни обврски, бидејќи не бара премногу нега.

Сансеверија е позната како еден од најдобрите прочистувачи на воздухот во затворени простории. Ова растение испушта кислород во текот на ноќта и го прочистува воздухот од токсини, со што значително се подобрува сонот, а оваа карактеристика го прави подобно доколку сакате да ја раззелените и спалната соба.
Се одржува многу лесно, се наводнува ретко и може да опстане во која било просторија во вашиот дом или во канцеларија.
Фикус Бонсаи – уметност и чист воздух
Луѓето во Кина одгледувале бонсаи дрвја илјадници години, а во античките времиња биле познати како „панзаи“. Оваа традиција подоцна била преземена и во Јапонија за време на зен-будизмот.

Фикус Бонсаи дрвцата се одликуваат со неверојатна убавина. Можете да ги чувате дури и ако имате мал дом, поттикнуваат трпение и посветеност од ваша страна, ве ослободуваат од стресот и помагаат во прочистувањето на воздухот.
Нивната големина се должи на техниките за рестрикција на просторот и количината на минерали кои ќе ги добива дрвото – деликатен процес што бара многу време, внимание и трпение, но на крајот резултатите се неверојатни.