
Совет на Европа: Бугарија ниту признава македонско малцинство ниту ги спроведува пресудите од Стразбур
Во делот за човековите права на малцинствата во извештајот на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) главна грижа е спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во групата случаи „ОМО Илинден и другите против Бугарија“ во врска со прекршувања на слободата на здружување.
Бугарија не го менува ставот кон Македонците што живеат таму, а непризнавањето на македонското малцинство во Бугарија и неизвршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права за регистрирање здруженија на Македонците се проблеми што и натаму остануваат нерешени, се наведува во последниот извештај на Советот на Европа за постмониторинг дијалогот со властите во Софија во делот за човековите права на малцинствата.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
За извештајот за постмониторинг дијалогот со Бугарија ќе се расправа на есенската сесија на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) оваа недела, а во предлог-резолуцијата на известувачите се препорачува за затворање на овој дијалог, иако за многу од забелешките во досегашните извештаи нема промени.
ПССЕ последен пат расправаше за Бугарија во 2019 година и тогаш одлучи да го продолжи постмониторинг-дијалогот со властите од Софија. Во последниот извештај за Бугарија што беше објавен наредната 2020 година, тогашната комесарка за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, со загриженост ја забележа „раширената нетолеранција кон малцинските групи во Бугарија, особено што ваквата појава ги погодува граѓаните што се изјаснуваат како Македонци (со македонско потекло), но слично важи и за Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил и ЛГБТИ лицата. Негативниот став кон малцинствата често се рефлектира во медиумското покривање кое ги поврзува малцинствата со криминалот и ги претставува како опасност за вредностите или интересите на мнозинското население или за националните интереси“.
Пред три месеци, бугарската делегација во ПССЕ коментираше дека оваа изјава е застарена, бидејќи лицата што припаѓаат на малцинските групи се застапени во медиумите, академската заедница, органите за спроведување на законот, судството, државната администрација и во локалните власти. Во нивните најнови извештаи за Бугарија од 2022 и 2024 година, ЕКРИ и Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства забележале одреден позитивен развој во однос на состојбата на малцинствата, но сè уште има прашања што предизвикуваат загриженост, особено во однос на Ромите, етничките Македонци и ЛГБТИ-лицата.
Меѓу проблемите што се однесуваат на почитувањето на правата на малцинствата во Бугарија, ПССЕ ги нагласува „проблемите поврзани со присуството на многу малата македонска етничка група (според пописот од 2021 година, 1.143 лица, помалку од 0,5 отсто од населението)“. Тие не се признаени од властите како „национално малцинство“ во смисла на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства (ратификувана од Бугарија во 1999 година), поради строга примена на објективните критериуми утврдени во оваа конвенција, и покрај повторените барања изразени од претставниците на групата.
Како резултат на тоа, се додава во извештајот, Македонците не се вклучени во програмите за малцинствата, не добиваат помош и немаат претставници во консултативните тела; нивниот јазик, литература и историја не се изучуваат и тие не можат да создаваат партии или организации за да ги бранат своите права. Овие проблеми, како што пишува, се поврзани со вжештените односи, кои Бугарија ги одржува, како такви, со соседна Македонија, околу голем број од Софија наметнати небулози во врска со македонскиот национален идентитет, културното наследство, јазикот и историјата, кои понекогаш влијаеле врз ставот на Бугарија во врска со апликацијата на Македонија за членство во ЕУ.
Сепак, известувачите забележуваат дека признавањето на „национално малцинство“ од државата не е предуслов за користење на заштитата на Рамковната конвенција, а Македонците се многу активни во лобирањето и одбраната на своите права, додека властите, пак, се многу чувствителни кон ова прашање.
Главната загриженост во оваа област, во извештајот на ПССЕ останува спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права во групата случаи „ОМО Илинден и другите против Бугарија“ во врска со прекршувања на членот 11 од Конвенцијата (слобода на здружување). Овие пресуди се однесуваат на неоправданото одбивање на бугарските судови во 1998-1999, 2002-2004, 2010-2013 и 2014-2015 година да регистрираат здруженија чија цел беше да добијат „признавање на македонското малцинство во Бугарија“.
„Повеќе од 90 водечки пресуди на Европскиот суд за човекови права што се однесуваат на Бугарија чекаат на извршување, од кои повеќе од половина се во тек на извршување најмалку десет години. Собранието ги повикува властите на Бугарија да продолжат да соработуваат со Комитетот на министри на Советот на Европа со цел да се постигне видлив напредок во извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, особено во случаите што се однесуваат на реформата на судскиот систем, присилните иселувања и уривањето на ромските куќи и одбивањата за регистрација на здруженија на луѓе од македонско потекло (‘ОМО Илинден и други против Бугарија‘ и други слични случаи)“, забележуваат известувачите.
Во извештајот се наведува дека, иако поминаа повеќе од 18 години откако првата пресуда во оваа група стана правосилна, и покрај различните мерки донесени од бугарските власти за подобрување на функционирањето на механизмот за регистрација (од 1 јануари 2018 година), на здруженијата (на Македонците, н.з.) и понатаму редовно им се одбива регистрација врз основа на причини што, се чини, дека се поврзани со поширок проблем на неодобрување на нивните цели. Во март 2024 година, тогашниот министер за правда одлучи да формира работна група за анализа на можни мерки за спроведување на овие пресуди, а Македонците од Бугарија ја потврдиле својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција.
Но, властите во Бугарија нагласуваат дека бугарското законодавство не го содржи терминот „национално малцинство“ и дека Бугарија ги исполнува своите обврски преку индивидуален пристап.
ПССЕ потсетува на последниот извештај на ЕКРИ дека говорот на омраза е првенствено насочен кон граѓаните што се идентификуваат со македонско потекло, како и кон Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил и ЛГБТИ-лицата. Целите се менуваат од една група во друга, честопати во зависност од моментните политички приоритети. На пример, за време на миграциската криза, говорот на омраза беше првенствено насочен кон мигрантите, особено оние од муслиманските земји. Неодамна, тој се пренасочи кон Ромите и ЛГБТИ-лицата.
Известувачите на ПССЕ и автори на извештајот за постмониторинг дијалогот за почитувањето на обврските преземени од Бугарија со членството во Советот на Европа во 1992 година, наведуваат дека и покрај напорите и добрите намери на властите, многу прашања остануваат нерешени. Притоа се споменуваат реформата на судството и на обвинителството како делумно спроведена, борбата против корупцијата на високо ниво, со оглед дека сè уште нема солидна евиденција за конечни пресуди во вакви случаи, а поголемиот дел од препораките на ГРЕКО од петтата рунда на евалуација за спречување на корупцијата и промовирање на интегритетот во централната влада и агенциите за спроведување на законот останува неспроведен.
Во извештајот уште се додава дека и покрај одреден напредок во однос на општото почитување на слободата на изразување, постои загриженост за концентрацијата и недостигот од транспарентност на сопственоста на медиумите.