
Сообраќајот во Скопје колабира на три капки дожд, не се изградија ни булевари ни кружни текови
Во градов подолго време не се прошируваат улици, не се градат булевари, иако градоначалниците честопати најавуваат „градежни офанзиви“ за реконструкција на улиците. Тие подновувања најчесто опфаќаат поставување нов асфалт што го олеснува движењето на жителите на населбите, но на ниво на град не решаваат ништо.
И најмал дожд во Скопје предизвикува вистински сообраќаен хаос, кога улиците се преполни со автомобили, автобусите доцнат, а колоните возила едвај се движат дури и по булеварите. Три капки дожд во главниот град ги предизвикуваат скопјани да ги остават велосипедите и да се откажат од пешачењето, па дури и од користењето градски превоз, стравувајќи дека автобусите што вообичаено долго се чекаат, на таков ден ќе се чекаат со часови. Но, исто така, секој дожд покажува дека сообраќајната инфраструктура во Скопје одамна ги надмина потребите на граѓаните и го надживеа времето кога улиците беа проектирани за едно возило на семејство.
Препорачано
Во градов подолго време не се прошируваат улици, не се градат булевари, иако градоначалниците честопати најавуваат „градежни офанзиви“ за реконструкција на улиците. Тие подновувања најчесто опфаќаат поставување нов асфалт што го олеснува движењето на жителите на населбите, но на ниво на град не решаваат ништо.
Актуелната градоначалничка Данела Арсовска пред да го добие мандатот ветуваше изградба на пет нови булевари за Скопје да стане модерен и урбан град со брзи конекции меѓу населбите во градот.
Предвидуваме отпочнување на изградба на булеварот Хрватска (во соработка со централната власт), продолжување на булеварот Борис Трајковски до Драчево, продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, како и продолжување на булевар Митрополит Теодосиј гологанов од студентскиот дом „Гоце Делчев“ до кракот со булевар Ѓорче Петров со 4 ленти. Предвидуваме и подземни сообраќајници под кружниот тек кај „Нова Македонија“ со влез од кај Кисела Вода и излез кон кружниот тек кај католичка црква – стои зацртано во програмата „За модерно Скопје“.

Ниту се изградија булеварите што требаше да го забрзаат протокот на сообраќај, ниту се изведе кружниот тек кај „Нова Македонија“, а продолжувањето на булеварот Борис Трајковски до Драчево тапка во место затоа што на овој потег Град Скопје треба да реши повеќе имотноправни проблеми за да се овозможи проширувањето.
Поради нерешени имотноправни проблеми и мостот „Генерал Михајло Апостолски“, кој требаше сообраќајно да го поврзе Аеродром со Автокоманда, иако изграден завршува до куќите во Ќерамидница. Од Град Скопје овој проект веќе одамна не го споменуваат.
На неполна година пред истекот на мандатот на Арсовска нема ништо ниту од ставањето на подземната улица под комплексот на „Лимак“ во сообраќај. За такво нешто потребно е улицата што веќе е завршена, да се поврзе со излези, што е обврска на Град Скопје. Амбициозниот проект што се најавува со години, предвидува сообраќаен коридор, кој од кај Тутунски комбинат ќе се спојува со подземната улица под комплексот на „Лимак“, со излез кај „Нова Македонија“. Овој коридор треба да овозможи да се растовари центарот на градот и граѓаните што се движат од Карпош, од Ѓорче Петров, побрзо да стигнат до Кисела Вода или Аеродром и обратно.
Арсовска минатата година посочи дека од едната страна кај Тутунски комбинат треба да има булеварско решение со еден кружен тек, а од страната на „Нова Македонија“ треба да има огромен турбо кружен тек, на нивоа, со чија изведба во централното градско подрачје сообраќајот ќе тече брзо и без застој. Проблемот за кружниот тек кај поранешниот НИП биле бараките на компјутерскиот центар на Македонски железници, кои треба да се урнат заедно со постојните куќи во тој дел. Досега тоа не е направено.
Пред неколку месеци, пак, Град Скопје соопшти дека почнува со изградба на булеварот Македонија, голем сообраќаен проект со кој треба да се растовари сообраќајот во центарот на градот особено на улицата Јордан Мијалков, улицата Павел Шатев, улицата Св. Кирил и Методиј и булеварот Кочо Рацин.
Градското раководство почнува со изградба на сообраќајницата на потегот од Тутунски комбинат во Кисела Вода која завршува во централното градско подрачје и во првата фаза се опфатени булеварот и три крстосници, првата меѓу булевар Крушевска Република и улица 11 Октомври, втората меѓу булевар Борис Трајковски и булевар Македонија и третата на двата краци на булевар Македонија кон втората фаза од булеварот што се поврзуваат со подземната сообраќајница кај „Лимак“ – информираа од Град Скопје.
Во меѓувреме, скопјани со часови ќе патуваат од еден до друг крај на градот, пробивајќи се низ тесните сообраќајни грла низ Скопје, со надеж дека некогаш можеби ќе се спроведе сето она што засега е само проект на хартија.
