
Сообраќаен колапс во Тетово, наместо решение институциите си ја префрлаат одговорноста
Пред секој празник, викенд, но и понеделнички ваква е сликата во Тетово.
Препорачано


На улиците и тротоарите повеќе возила од луѓе. Сообраќајот е во целосен колапс од нервозни возачи и пешаци. Она што загружува во последно време е што застојот во сообраќајот и редиците возила не се карактеристични само низ главните булевари, туку тие се присутни и во тетовските мала по тесните улици каде има и паркирани возила што дополнително го отежнува нормалната циркулација на сообраќајот.
„Во Тетово до секоја дестинација побрзо се стигнува пеш отколку со возило. За да поминете 2 километри ќе возите половина час. Градот стана хаотичен, дневно има над 100 000 жители на територија со должина и ширина едвај 5 километри“, реагира еден возач.

„Јас воопшто не користам возило. Видете го хаосот. Центарот е ужас, се градат огромни зданија без притоа да се води сметка дали за тие станари таму каде што ќе живеат ќе има соодветна сообраќајна инфраструктура, но според состојбата на терен очигледно дека нема“, додава друг жител на Тетово.
Во Тетово се градат висококатници, па потоа се „планира“ каде ќе се движат и паркираат станарите
Но, и покрај ваквата состојба голем дел од граѓаните не се откажуваат од своите возила кои според одредени проценки ги има до 60.000, а во градот има едвај 1.000 паркинг места. Па најчесто може да забележите возило паркирано на тротоар, раскрсница, и долж улиците на таканаречени двојни редови.
Институциите си ја префрлаат одговорноста
Наместо решение институциите си ја префрлаат одговорноста кој е виновен за хаосот во сообраќајот. Од Сообраќајната полиција, велат дека нивните екипи се постојано на терен. Казнуваат, но без изградба на соодветна инсфраструктура од која најприоритетна е катната гаража особено во централното градско јадро, не може да има подобрување. Според нив зонското паркирање воопшто не го дава посакуваниот ефект.


Од Општина Тетово, се правдаат дека најавените катни гаражи не се граделе оти предвидените локации за овие проекти се веќе предмет на приватизација.
Тетово има 4 булевари од кои само еден е целосно завршен. Со години нема отворено нова сообраќајница иако сообраќајниот метеж е се поголем, а целиот транзитен сообраќај поминува низ градот оти нема обиколница.
Градежните активности на недовршените булевари „Индустриска“ и „Благоја Тоска“ кои започнаа да се пробиваат неодамна се запрени. Стагнација има и во пробивање на обиколницата од клучката за село Требош до регионалниот пат Тетово-Јажинце, проект кој помпезно го промовираше централната власт.