
Сомнежи за политичко-судски спреги уште пред судењето за Кочани
Дел од родителите на загинатите, опозициската Левица и потпретседателката на СДСМ Кристина Костова се сомневаат дека ќе биде испорачана правдата, зашто „процесот е однапред компромитиран и претставува уште една партиска фарса со готов исход“, а „Дуци и Ж’ти се лепенки на Иван Јорданов и големи активисти на ДПМНЕ што е општопознат факт за штипската јавност“
Обвинението за трагедијата во кочанската дискотека во која изгореа 62-ца млади луѓе ќе биде оценето до крајот на неделава, соопшти Кривичниот суд, по најавата на дел од родителите на загинатите со блокади доколку не добијат одговор за тоа кога ќе биде оценет обвинителниот акт, но и по емитувањето на документарен филм на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ), во кој беше објавено дека братот на претседателката на скопскиот Кривичен суд Даниела Димовска како инспектор во Управата за јавни приходи бил во постојан контакт со синот на газдата на импровизираната дискотека.
Препорачано
„Со оглед на тоа дека во овој момент сите обвинети и нивни бранители го имаат примено обвинителниот акт, и на 3.10.2025 година истекуваат сите законски рокови за прием и достава на приговор, со што се исполнуваат сите услови за оцена, се очекува актот до крајот на неделата да биде оценет, за што јавноста и странките ќе бидат навремено известени“, соопшти Кривичниот суд.
Во соопштението се истакнува дека станува збор за предмет со 37 обвинети и дека, иако Судот ги ангажирал сите расположливи ресурси за достава на актот до странките, доставата не можела да се реализира зашто дел од адвокатите не биле во своите канцеларии.
„Потребно е да се напомене дека станува збор за предмет со 37 обвинети правни и физички лица, застапувани од 33 бранители и претставници на правните лица. Од приемот на обвинителниот акт, Судот ги има ангажирано сите расположливи ресурси за достава на актот до странките, прием на сите приговори и нивно процесирање до јавниот обвинител. За жал, во текот на изминатите неколку месеци, доставата кај дел од адвокатите и претставниците на правните лица не можеше да се реализира навреме, односно и покрај најавите од Судот дека актот ќе им биде доставен директно во нивните канцеларии заради поголема ефикасност во постапувањето, истите беа отсутни. Поради тоа, доставата, а со тоа и роковите за приговор, непотребно се одолговлекуваа“, велат од Кривичниот суд.
За полицајците уште нема обвинение
Дел од родителите на загинатите во пожарот во дискотеката „Пулс“, што се случи на 16 март годинава упатија остар повик до јавните обвинители и до судиите, од кои побараа итни и јасни одговори за напредокот на постапките и најавија дека доколку до 3 октомври не добијат конкретен одговор, мирните маршеви ќе прекинат и ќе следуваат протести и блокади.
– Обвинители и судии, ние, семејствата на жртвите од трагедијата во „Пулс“, бараме итен и јасен одговор од вас. Доста е со молчење, поминаа шест месеци. Срамота е – рече мајка на едно од загинатите деца.
Родителите рекоа дека до Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) веќе доставиле прашања и очекуваат информации за тоа до каде е постапката и против вработените во МВР и кога ќе се подготви обвинителниот акт. На судиите од Кривичниот суд им упатија прашање дали ќе донесат оценка на обвинителниот акт или ќе се повлечат пред политички влијанија.
Во филмот „Кочани – наш морален компромис“ беа прикажани пораки меѓу инспектори од Државниот пазарен инспекторат, од полицијата и од УЈП, кои беа разменети со Михајло Јованов, синот на газдата на „Пулс“, Дејан Јованов Деко, кои на ИРЛ ѝ ги доставил „свиркач“. Од нив, според ИРЛ, меѓу другото се гледа дека Јованов ги подмитувал инспекторите со подароци, а тие му јавувале пред да дојдат во инспекција во „Пулс“.
Инспектори, пак, како што се гледа од пораките, биле редовни гости во „дискотеката“ која работела целосно надвор од законските прописи. Во објавените пораки, освен братот на претседателката на Кривичниот суд, Дејан Паунов, има пораки и од командирот на полициската станица Кочани и од инспекторка на Државниот пазарен инспекторат.
По филмот, веднаш се реакција излезе Обвинителството што вели дека ги земаат предвид, постапуваат и вршат проверки за сите наведени докази.
– При поднесување на обвинението и на средбата со семејствата на загинатите, јавните обвинители појаснија дека проверки се вршат уште во однос на неколку институции, вклучително и Управата за јавни приходи. Меѓутоа, законските надлежности на УЈП се однесуваат на контроли за даночни и финансиски прашања, а не на безбедносни аспекти, па од тие причини тие не беа опфатени со поднесеното обвинение. Дејствија што не можат да се доведат во контекст со последицата изразена преку кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“ од член 292 од Кривичниот законик, не беа предмет на ова обвинение, па проверките во однос на УЈП се вршат во контекст на евентуални коруптивни и други кривични дела на поединци. Потврда дека не постои ниту најмала намера овој аспект да се прикрие или да остане неистражен е фактот што презентираната комуникација е дел од извештај на анализирана телефонска комуникација, која во целост е доставен во Судот како дел од доказниот материјал за поднесеното обвинение. Јавното обвинителство апелира за воздржаност од изнесување непроверени информации кои можат да ја загрозат натамошната постапка, како и постапката за оцена на поднесеното обвинение – рекоа од Обвинителството.
Надлежноста за овој случај, сепак, останува кај скопскиот Кривичен суд, одлуката на Врховниот суд е правосилна, а од Обвинителството потенцираат дека лицето што се споменува во пораките не е опфатено во постапката што се води пред Кривичниот суд. Судијката Димовска, иако беше единаесетта на листата според бодовите, на 3 јули беше избрана за претседателка на Кривичниот суд во Скопје.
Левица: Се потврди мафијашката спрега меѓу ДПМНЕ, институциите и криминалот
По објавувањето на пораките најгласна беше опозициската партија Левица која обвини дека уште еднаш се потврдила мафијашката спрега меѓу ДПМНЕ, институциите и криминалот.
– Даниела Димовска, незаконски избрана со гласовите на ДПМНЕ и на СДСМ (турната од 11-та на прва позиција), сега го води Судот што треба да ја донесе правдата за Кочани. Тоа значи дека процесот е однапред компромитиран и претставува уште една партиска фарса со готов исход. Левица беше единствената политичка партија што алармираше за изборот на Димовска. Таа има очигледна партиска биографија – била асистентка на пратеникот Влатко Ѓорчев и советничка на претседателите на Собранието (Трајко) Вељановски и (Љубиша) Георгиевски, а нејзиниот сопруг е вработен во кабинетот на Тимчо Муцунски. Нејзиното унапредување на чело на Кривичниот суд беше туркано од Данка Ристова, членка на Судскиот совет и сопруга на градоначалникот на Радовиш од ДПМНЕ. Со Мицкоски на власт, Кочани и Македонија никогаш нема да дочекаат правда, туку само ќе бидат сведоци на партиска заштита на убијците на 62 млади животи! Режимот на Мицкоски е подготвен да ја задуши вистината, да ги заклучи досиејата и да им ја украде правдата на семејствата на жртвите – се вели во реакцијата на Левица.
СДСМ немаше реакција, но потпретседателката на партијата Кристина Костова во објава на социјалните мрежи директно ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство дека се обидуваат да ја скријат вистината за трагичниот случај.
– Дека угостителските објекти на газда Деко биле попатна станица на секој предизборен карван на ДПМНЕ е општопознат факт за кочанската јавност. Дека Дуци и Ж’ти се лепенки на Иван Јорданов и големи активисти на ДПМНЕ е општопознат факт за штипската јавност. Дека Мицкоски и ДПМНЕ се обидуваат на секој начин да спречат да се испорача правда за најголемата трагедија во историјата на самостојна Македонија е општопознат факт за македонската јавност – напиша Костова.
Премиерот Христијан Мицкоски, одговорајќи на новинарско прашање, рече дека секој оној што на каков било начин има поврзаност со случајот, треба да биде изведен пред лицето на правдата. Сепак, тој одговорноста ја посочи кај Обвинителството.
– Случајот го води Обвинителството, јавниот државен обвинител Коцевски, таму видовте вие, во изминатиов период дванаесетина обвинители работеа на овој случај. Ако е прашањето дали сум задоволен од работата на Обвинителството, мојот одговор ќе биде не сум задоволен, и токму тоа беше причината зошто поддржавме во Собранието смена на Коцевски. А зошто СДСМ и ДУИ не ја поддржаа смената на Коцевски, тоа е друго прашање. Треба секој оној што на каков било начин во каква било форма има каква било поврзаност за тој случај, да биде изведен пред лицето на правдата – рече Мицкоски.
И претседателката на Судот, Димовска во одговорот за ИРЛ вели дека Обвинителите се тир кои решаваат какви обвиненија ќе поднесат, за случаот Кочани тврди дека постапуваат без трошка пристрасност.
Откако ќе биде оценето обвинението, се очекува да почне судскиот процес против поранешни функционери, а месецов се очекува обвинение и против полицајците осомничени за кочанската трагедија.