
Софија ги злоупотребува пасошите за економска асимилација на Македонците
Јасно е дека со влегувањето во ЕУ, интересот за бугарски пасоши меѓу нашите сограѓани драстично ќе се намали, вели поранешниот амбасадор и ексминистер Марјан Ѓорчев
Патната исправа на источниот сосед не ја загрозува македонската национална свест, но спорна е постапката со која се издава пасош на македонски граѓани, сметаат соговорниците кои ги консултираше „Слободен печат“. Темата повторно се актуализираше по „прогнозата“ на премиерот Христијан Мицкоски дека со влегувањето на Македонија во Европската Унија, македонските граѓани што имаат бугарски пасошите ќе ги искинат.
Препорачано
Можеби ќе треба да поднесеме тужба во Брисел пред Европската комисија за начинот на кој Бугарија ги издава пасошите, бидејќи е јасно дека Софија ја злоупотребува ситуацијата за економска асимилација на Македонците, смета Марјан Ѓорчев, поранешен амбасадор на Македонија во Бугарија.
Ѓорчев: Немаше поплаки од пописот, и тоа е готова работа
Надоврзувајќи се на изјавата на премиерот Мицкоски, Ѓорчев смета дека пописот е единствено релевантен кога станува збор за тоа колку Бугари живеат во земјава.
– Официјалната бројка на Бугари во Македонија изнесува 3.504 лица, а од друга страна се шпекулира дека околу 120.000 наши сограѓани извадиле бугарски пасош. Немаше поплаки од пописот, и тоа е готова работа. Јасно е дека со влегувањето во ЕУ, интересот за бугарски пасоши меѓу нашите сограѓани драстично ќе се намали – вели Ѓорчев.
Тој потсетува дека Бугарија загуби три милиони свои граѓани во економската миграција и на Македонија гледа како на извор на работна сила.
– Околу 4,5 илјади луѓе од Македонија живеат и работат во Бугарија, додека другите сопственици на бугарски пасоши работат низ Европа. Можеби. Бугарски пасоши се издаваат во Албанија и во Косово, а не е мала бројката на издадени пасоши и во Србија – вели Ѓорчев.
Тој препорачува да не се мистифицираат премногу бугарските пасоши и од тоа да не се прави бауч, бидејќи, според него, патната исправа на источниот сосед не ја загрозува македонската национална свест.
– Македонија признава малцинства и во тоа е многу подемократска од Бугарија. Кај нас не е проблем припадниците на другите народи културно и политички да се организираат – вели Ѓорчев.
Арсовски: Членка на ЕУ треба да биде под мониторинг за начинот на издавање пасоши
Издавањето пасоши е интерна работа, но членка на Европската Унија би требало да биде под одреден мониторинг за начинот на издавање патни исправи на граѓани на друга држава, вели поранешниот амбасадор на Македонија во Грција, Љупчо Арсовски.
– Со бројот на нашите граѓани што извадиле бугарски пасош, се засилуваат барањата за вметнувањето на Бугарите во Уставот. Сепак, спорен е начинот на кој Бугарија ги издава патните исправи, а притоа се бара и потпишана изјава за националните чувства на подносителот на барањето за пасош, со која се потврдува бугарската национална свест – вели Арсовски.
Тој е сигурен дека голем број европски функционери не се задоволни од оваа практика на Софија, но дека поради непознати причини тие не реагираат.
Не е доволно само да се искинат бугарските пасоши, како што вели премиерот, бидејќи секој македонски граѓанин потпишал изјава во постапката за вадење пасош пред тамошното Министерство за надворешни работи, дека се чувствува како Бугарин, како и дека неговите предци поседувале бугарска самосвест, тврди Љупчо Ристовски од партијата Интегра.
– Тоа нема да биде доволно, бидејќи македонските граѓани што поседуваат бугарски пасоши ќе треба да се откажат и од државјанството. Тоа е процедура која трае повеќе месеци – вели Ристовски.
Тој предупредува дека поседувањето бугарски пасош сам по себе не е проблем, туку изјавата која што се дава во процедурата за негово издавање, со која се потенцира дека подносителот на барањето се чувствува како Бугарин, а така се чувствувале и неговите предци.