
Собранието уште не го консултирало Уставниот суд за разрешување на членовите на Судски совет
Иако се најавуваше за по новогодишните празници, Собранието се уште ја нема почнато процедурата за разрешување на петте члена на Судскиот совет избрани во законодавниот дом, ниту пак има побарано мислење за овој чекор од Уставниот суд, како што најавуваше собранискиот спикер Африм Гаши.
Препорачано
-Процедурата за разрешување на петте члена на Судскиот совет што ги избира Собранието се уште не е започната. Истата се очекува да почне откако ќе завршат сите консултации внатре во Собранието, но, и, како што најави претседателот, консултациите со правни експерти, се со цел процедурата да биде според Деловникот, Уставот и законите, велат од Кабинетот на Гаши за „Слободен печат“.
Овие најави следуваа откако Собранието не го усвои извештајот за работата на Судскиот совет за 2023 година и се отвори можноста пратениците да расправаат за работата на петмината членови, но и најавите на премиерот Христијан Мицкоски дека размислуваат за неколку потези и мерки што ќе ги преземат по празниците. Но, очигледно од власта уште не се на чисто кои ќе бидат следните чекори за да се „решат“ овие членови на Советот, кои премиерот постојано ги споменува дека се една од главните причини за ниската доверба во правосудството.
Од Уставниот суд велат дека до нив не е стигнато никакво барање за мислење, иако Гаши на предновогодишниот брифинг со новинарите кажа дека ќе се консултираат и со Уставен, ако правни експерти сметаат дека е противуставно и противзаконско разрешувањето.
-До Уставниот суд не е пристигнато барање за мислење во врска со разрешувањето на членови на Судскиот совет. Доколку има такво обраќање до Уставниот суд, Судот ќе се произнесе по истото имајќи ги предвид утврдените надлежности во Уставот, велат од Уставниот суд.
Пратениците пак од владејачкото мнозинство кои ги контактираше „Слободен печат“ не коментираа што се планира во насока на најавите за разрешување. Единствено координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на нашето прашање дали како пратеничка група планираат да поднесат измени на Законот за Судски совет за да се реализира разрешувањето на членовите на Советот, ни одговори дека засега нема ништо конкретно и дека јавноста ќе биде информирана.
Од Владата велат дека ова е во надлежност на Собранието и постапките се предвидени согласно Деловникот за работа на законодавниот дом. Оттаму најавуваат реформи во правосудниот сектор, но конкретно разрешување не споменуваат.
-Како Влада ги истакнуваме заложбите за спроведување на клучни реформи во правосудството, борбата против корупцијата, а со цел да ја приближат нашата држава до европските стандарди и за овие значајни прашања посветено сме фокусирани, велат од Владата за „Слободен печат“.
Неусвојувањето на извештајот се толкуваше како можност пратениците да се повикаат на членот 100 од Законот за судски совет и да отворат расправа за работата на членовите на Советот, избрани од Собранието.
Но, правните толкувања се дека власта не може така лесно да ги разреши овие членови на Советот. Овој член дава можност за интерпелација, но тоа само би значело политички притисок за тие сами да понесат морална и политичка одговорност.
Професорот по уставно право, Денис Прешова укажа дека ова би било преседан и противправно постапување.
Додека се заговара разрешување, Министерот за правда не ја споменува оваа опција и ова Министерство работи на измени на Законот за Судски совет кои треба да се донесат најдоцна до јуни 2025 година.
Претседателка на работната група која треба да ги инкорпорира препораките на Оценската мисија која со месеци ја мониторираше работата на Советот, е судијката од Врховниот суд, Мирјана Лазарова Трајковска.
-Дебатата за несменливоста и независноста на членовите на Судскиот совет е комплексна, бидејќи, од една страна, независноста на судиите и членовите на Советот е клучна за спречување на политички влијанија врз правосудството. Но, од друга страна, не смееме да ја игнорираме потребата од подобрување на транспарентноста и отчетноста на овие тела. Иако постои загриженост дека промените на Судскиот совет може да доведат до „политичка“ контрола врз судството, тоа не значи дека не постојат механизми за баланс на оваа независност со јавната одговорност – вели Филков, но не прецизира каква одговорност.
Во постојниот состав на Советот, петмина членови се избрани во Собранието, од кои двајца се на предлог на претседателот. Меѓу нив е и Весна Дамева, која неодамна си поднесе оставка од функцијата претседател на Судскиот совет поради притисоци од извршната власт.
Мандатот уште не им е истечен ниту на Павлина Црвенковска која беше избрана за член во 2020 година, на Селим Адеми кој го предводеше „пучот“ против Дамева, на Миљазим Мустафа и на Тања Чачарова Илиевска.
Неколку дена по Нова година Советот за нов претседател го избра судијата, Александар Камбовски, а за нови членови беа избрани Данка Ристова и Аритон Ала, избрани од редовите на судиите. Ристова е сопруга на актуелниот градоначалник на Радовиш, но ниту таа, ниту во нејзиниот избор не гледаат партизација на Советот од актуелната власт.