Судски совет / Фото: „Слободен печат“ - Драган Митрески

Собрание на судии, ново тело пред кое ќе одговара Судскиот совет?

В четврток ќе се одржи првиот состанок на новата работна група, што ја формираше министерот за правда Кренар Лога, која има задача да подготви измени на Законот за Судскиот совет. Целта да се надминат многубројните слабости во функционрањето на ова највисоко правосудно тело во кое во изминативе месеци се случија повеќе скандалозни одлуки, нотирани и во извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во еврореформите.
На чело на работната група ќе биде академик Владо Камбовски, кој вели дека на првиот состанок ќе го утврдат нивниот мандат и ќе донесат деловник за работа и за носење одлуки.

– Ние веќе имаме анализи за функционалноста на Судскиот совет, неговите слабости се познати, а ќе го разгледаме и Извештајот на Оценската мисија на ЕУ кога ќе ни биде доставен. Никој нема над ова тело и не е предвидено кому одговараат членовите на Советот. Кај нас не може да биде разрешен градоначалник, пратеник и претседател на државата, оти тие се избрани на директни избори, но засега никој не може да разреши член на Судскиот совет, зашто за нив нема законски предвидена таква одговорност – вели академик Камбовски за „Слободен печат“.

Тој објаснува дека највисок судија е судија на Врховен суд и тој може да биде разрешен од Судскиот совет, кој пак е составен од судии од понизок и повисок ранг и од лица што не се судии, туку од истакнати правници и нема логика да нема надворешна контрола на работата на Советот.

– Општо правило е оној кој те избира, пред него да сносиш одговорност. Така, членовите на Советот, кои се избрани од Собранието треба да одговараат пред Собранието, а членовите избрани од судиите на нивните судски избори треба да одговараат пред собрание на судии. Но, такво тело нема и во тоа е празнината на законот. Не мора да се вика собрание на судии, но потребно е тело составено од судии пред кое ќе одговара член на Судскиот совет во утврдена постапка. Општото правило – одговараш пред оној што те именува е добро и треба да го следиме и во овој случај. Многу е важно да има одговорност, зашто така се зголемува свеста на секој член, а тоа, на некој начин, е и превенција од злоупотреба – вели Камбовски.

Тој додава дека дел од прашањата што ќе ги разгледуваат во работната група веќе се вметнати во новата Стратегија за реформа на правосудството 2023-2027, која е готова. Стратегијата моментно е во мисијата на ЕУ, од каде се очекуваат оценки и забелешки и потоа ќе почне процедурата за нејзиното усвојување. Во врска со транспарентноста на Советот, во стратегијата е предложено седниците да се следат во директен ТВ пренос.
Министерот за правда Лога во петокот го обелодени составот на групата и нагласи дека Европската комисија во Извештајот изрази сериозна загриженост за работата на Судскиот совет и повика да се заложи за заштита на независноста и интегритетот на судиите.

– Забележано е разрешувањето на претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведува во прашање почитувањето на законите и процедурите. Нотирани се и заложбите на актуелниот претседател да го ограничи присуството на камери на седниците и ниската доверба на судиите во улогата на Судскиот совет во заштита на судската независност – објави Лога.

Работната група за измени на Законот за Судскиот совет брои 16 члена, судии, експерти и познавачи од областа: Маргарита Цаца Николовска, Бајрам Положани, Бранко Наумовски, Сали Мурати, Беса Адеми, Јелена Кадриќ, Ивана Петковска, Џемали Саити, Денис Прешова, Ана Павловска-Данева, Ѓорги Радојков, Јетон Шасивари, Беса Арифи, Шпенд Деваја. Од Судскиот совет во групата ќе учествува членот Ивица Николовски, а во тект на работата ќе бидат поканети и претставници на релевантни тела од судската област.
Лошата слика во јавноста за Судскиот совет кулминираше во април кога поранешната претседателка Весна Дамева беше незаконски разрешена со седум гласа „за“, по што повеќе експерти бараа колективна оставка од целиот Совет. Законот нема одредба што прецизира со колку гласа треба да се разреши претседателот, кој се избира со најмалку осум гласа „за“, па по една недела постапката за разрешување на Дамева беше повторена на тајна седница, кога наводно беше разрешена со девет гласа „за“. Втора слабост е што не е одреден минималниот број судии кои треба да гласат за изборите на член на Советот да се сметаат за успешни. Трета системска слабост е што Судскиот совет нема рокови во кои треба да одлучува по одредени теми итн.

Претседателот на Советот, Сашко Георгиев, во разговор за „Слободен печат“ како главна слабост ја посочи законската неуреденост на постапката за разрешување на претседателот или на заменикот и што не е прецизирано кое однесување на претседателот би било причина за биде разрешен.

– Треба да се дефинира одговорноста на членовите на Советот од редовите на судиите и пред кое тело тие би одговарале за своите одлуки, но и да се уреди одговорноста за членовите избрани од Собранието и на оние предложени од шефот на државата. Треба да се уреди и цензусот при избор за член на Судскиот совет од Врховниот суд и од апелациските подрачја. Имавме случаи кога само со еден глас, па дури и со сопствениот, кандидатот можеше да биде избран и да стане член на Советот. Неопходно е да се формулира поимот „истакнат правник“ и да може тој да биде прифатлив за судската фела. Во работењето и во одлучувањето во Советот поголема улога треба да добијат преставниците од Здружението на судии – смета Георгиев.

Во Извештајот на ЕК, во кој е оценето дека нема напредок во правосудтсвото и во борбата против корупцијата пишува дека постои сериозна загриженост за надворешни влијанија врз работата на Судскиот совет и судството и се укажува дека Советот треба да ја зголеми транспарентноста при одлучувањето и решително да ја штити независноста, интегритетот и професионалноста на судиите. ЕК оцени дека доцнењето на Судскиот совет при изборот на нови судии и ограничениот напредок во спроведувањето на стратегијата за човечки ресурси во судовите влијае на ефикасноста на судството.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот