
Со збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“ авторката Ениз Хилми е добитничка на наградата „Новите!“ за 2024 година
Наградата за најдобар прозен дебитантски ракопис „Новите!“ годинава ја доби Ениз Хилми за збирката раскази „Градот што не го засакав на прва“.
Препорачано
Ениз Хилми е родена во Охрид, таму учела основно и средно образование. Студирала во Истанбул. Работела 13 години во три македонски министерства во Скопје. Еден претпрвомајски ден ја земала ташната и дала отказ. Живее на релација Охрид – Берлин, виа Скопје.
За самиот ракопис авторката вели: „Поттикот за пишување на овие ’берлински раскази‘ е поврзан со моите чести и долги престои во Берлин. Одушевеноста ми растеше со секое патување во тој град создаден по човечка мерка, вистински отворен, кој ги почитува и развива различностите. Расказиве се обид и да го документирам малиот приватен живот од почетокот на милениумот, со одредени примеси на фикција.“
За наградата „Новите!“ во 2024 година одлучуваше жири во состав: Наташа Атанасова, Елена Митреска и Стефан Алијевиќ, кои составија детално образложение за наградената книга.
– Годинава најмногу се издвои ракописот „Градот што не го засакав на прва“ од Ениз Хилми. Станува збор за мемоар, односно патописна проза која гравитира меѓу „утописката“ потрага по загубениот југословенски простор и западниот сенс за организирање на времето и просторот, односно животот. Текстот го слави космополитскиот дух на големите градови, Берлин во случајов, каде свој дом изминативе години нашле повеќе од милион доселеници од речиси сите земји на светот. Токму во тој модерен хронотоп на отворената широкоумна метропола нашата авторка стапнува во трагите на бившата ЈУ-република. Тоа воедно ѝ овозможува да направи културолошки рез меѓу западната отворена култура и интернационална заедница, и тукашната балканска, посттранзициски заробена култура – истакнува жирито.
Една од главните одлики на годинашниот конкурс „Новите!“ е што дел од пристигнатите ракописи гравитираат околу личното писмо: мемоарот, дневникот, патописот, белешки од денот, контемплации од секојдневието.
– Повеќе автори/ки ги користат овие мали поинтимни форми за создавање свој текст, но во нив често е забележлива монотоноста и отсуството на фигуративен говор, што знае да биде показател дека на текстовите треба и натаму да се работи за да се добие поголема уметничка тежина. Истовремено, присуството на повеќе вакви текстови е показател дека и нашето поднебје полека се доближува кон популаризирање на автопрозата или автофиктивните форми кои се во подем ако се погледне современата регионална и европска книжевна сцена. Пренесувањето случки од личниот живот во фиктивно или документаристичко писмо почнува да зазема централно место и се чини важно за новите генерации – посочуваат од „Темплум“.
Покровител на книжевната награда „Новите!“ на „Темплум“ веќе 19 години, е Комерцијална банка Скопје.