
Со закон да се овозможи шут-карта за неспособни градоначалници
Колку и да е потребна ваква законска измена, сега политичкиот момент не е добар. Напролет имаме претседателски и парламентарни избори и тешко е да се очекува дека во овој момент ќе има волја да се собере двотретинско мнозинство за да се смени Законот за локална самоуправа. Ова прашање треба да го решава влада на почеток на мандат, вели професорот Борче Давитковски
Потребно е да се донесат измени на Законот за локалната самоуправа и да се врати можноста граѓаните да го отповикаат градоначалникот од чија работа не се задоволни, но тој закон се усвојува со двотретинско мнозинство и сега, пред изборите, не е добар политички момент да се отвора оваа тема, вели за „Слободен печат“ професорот по управно право Борче Давитковски, во врска со иницијативата што ја најави ЛДП за законски измени, со цел да им се овозможи на граѓаните да сменат градоначалник пред истекот на мандатот.
Препорачано
Професорот Давитковски со години е заговорник да се овозможи отповик на градоначалник.
– Кај нас пратеник и градоначалник никој не може да ги смени. За претседателот на државата е предвидена постапка за импичмент и Собранието може да го разреши, ама пратениците и градоначалниците се како дадени од Господ. Во Законот за локална самоуправа е предвидено во кои услови предвреме престанува мандатот на градоначалникот, ама граѓаните немаат право да ги сменат, што им дава комоција четири години да владеат како сакаат – вели Давитковски.

Тој смета дека политичкиот момент сепак не е добар.
– Напролет имаме претседателски и парламентарни избори и тешко е да се очекува дека во овој момент ќе има волја да се собере двотретинско мнозинство за да се смени Законот за локална самоуправа. Ова прашање треба да го решава владата на почеток на мандат – вели професорот.
За начинот на кој би можел да се смени градоначалник Давитковски вели дека може да се пропише одредба да се соберат одреден број потписи од граѓаните од подрачјето на општината, од 5.000 до 10.000 потписи и врз нивна основа да се отповика градоначалникот.
Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов вели дека процедурата на кој начин ќе симне градоначалникот од власт, дали со референдум или со одреден број на потписи според бројот на жители, допрва ќе се утврдува.
– Ова е сосема нова иницијатива од мојата партија ЛДП и досега не се одржани средби со ниту една парламентарна партија. Во текот на разговорите и со нацрт-измените допрва ќе се утврди целата процедура на кој начин ќе се отповикува градоначалник, а основа за отповик ќе биде незадоволството на избирачите. Во 1996 година, во Законот за локална самоуправа, имаше одредба за отповикување на градоначалник, но во новиот закон од 2002 година не се остави таква можност. Таа одредба предвидуваше градоначалник да се отповика само ако гласаат повеќе гласачи отколку што гласале кога бил избран што е тешко остварливо, па градоначалниците се комотни. Иницијативата ја покренуваме зашто гледаме незадоволство кај граѓаните – вели министерот Пенов за „Слободен печат“.

Тој додава и дека дури и да не се истурка иницијативата докрај, таа ќе послужи како притисок врз градоначалниците да работат подобро.
Претходникот на Пенов, Горан Милевски, пак, лани најавуваше дека се подготвуваат измени во законот со кои ќе се казнуваат, па и ќе се отповикуваат оние градоначалници што работат недомаќински и прекумерно ги задолжуваат општините, но тоа не се реализираше.
ЛДП, на чело со Моника Зајкова вчеравечер најави дека почнуваат со иницијатива за измени на Законот за локална самоуправа и собирање на потписи за референдум за отповикување на градоначалници. Повод за овој чекор е незадоволството на скопјани од работата на градоначалничката Данела Арсовска.
– Она што се случува во главниот град е јасен знак дека мора да има механизам за отповикување на градоначалниците. Граѓаните не смеат да трпат поради неспособноста на локалните власти – велат од ЛДП.
Зајкова рече дека иницијатива е со цел да се подобри животот во главниот град.
– Со длабоко разочарување и загриженост ја гледам сегашната состојба во нашиот главен град. Паметам поубаво Скопје, град на светлина, култура и зеленило, а не град кој сега е завиен во темнина и се гуши во смет. Се чини дека сегашните локални власти се оддалечиле од основните потреби и желби на своите граѓани. Градоначалниците буквално можат да ги поминуваат своите мандати без реална одговорност и отчетност, а страдаат и општините и граѓаните. На европско тло досега се спроведени неколку постапки за отповикување на градоначалници, како на пример Хана Гронкиевич Валц, градоначалничката на Варшава. Се одржа локален референдум и за отповикување на градоначалникот на Кишињев, а во 2015 година британскиот парламентот усвоил механизам за отповикување на градоначалниците. И Петер Фелдман, контроверзниот градоначалник на Франкфурт преку граѓански референдум беше сменет – рече Зајкова.
Вчера, по бурните реакции и потсмевот во целиот регион на сметка на новогодишната елка во Скопје, ексградоначалникот Петре Шилегов побара или Арсовска да си даде оставка или заедно со претседателските и парламентарните избори во мај да се гласа и за нов градоначалник на Градот Скопје.
– Нашето Скопје сериозно се наоѓа во процес на целосна девастација. Почитувана Арсовска, заминете си! Поднесете оставка! Доблесно е да си признаете дека сте тотално неспособна и некадарна да го водите градот. А едноставно, Градот, Ви се случи. Непланирано. Без визија и план што би работеле. Со сите мои и наши (партиски, политички и граѓански) грешки кои придонесоа за тоа. Во мај секако имаме избори во Македонија. Нека се избори и во Скопје. Заради малку достоинство што секој од нас треба да го има. И заради Градот, не толку убав во последно време, во кој што сите живееме – напиша Шилегов на Фејсбук.
Тој додаде и дека нема намера повторно да се кандидира.
„Слободен печат“ упати прашања до портпаролите на двете најголеми политички партии, владеачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ за тоа кој е ставот во партиите за иницијативата на ЛДП, но засега немаме одговор.