
Со свечен собир ќе бидат одбележани годишнини од раѓањето на Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски
Институтот за македонска литература (ИМЛ) при УКИМ – Скопје, на 5 јуни (среда) 2024 година, во 12 часот, во амфитеатарот на Институтот за македонски јазик (ИМЈ), ги чествува писателите Гане Тодоровски (по повод 95-годишнината од раѓањето) и Петре М. Андреевски (по повод 90-годишнината од раѓањето).
Препорачано
– Во песната „Нерези“, Тодоровски пее: „Во секој заглед: Занемена големина! / Во секоја мисла: Победа на невремето! / И одвет: Ваше сум Вчера!“, а во романот „Тунел“, Андреевски пишува „Само ако имаме нешто за сеќавање, само тогаш знаеме колку време сме биле заедно и колку време сме живееле и зошто треба да го браниме тој живот“. Ставени во заеднички контекст, овие две мисли, се чини, упатуваат на суштината на автоимаголошката претстава за тоа кои сме и зошто е важно таа слика да ја актуализираме. Без таквите актуализации ќе надвладее заборавот. А народ што не памети, нема своја иднина. За нас е многу важно да се погрижиме значајните личности од македонската книжевна историја да станат важни и за младите генерации, па во таа насока настојуваме овие собири да ги реализираме во интеракција со учениците од средните училишта – вели проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателка на Организациониот одбор.
Со поздравна реч, соборот ќе го отвори директорката на ИМЛ, проф. д-р Наташа Аврамовска. За научната дејност на Гане Тодоровски ќе говори проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, за поезијата проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, книжевната дејност на Петре М. Андреевски ќе ја претстави проф. д-р Наташа Аврамовска, а за романот „Пиреј“ ќе зборува проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.