
Со помош на вештачката интелигенција откриен нов антибиотик, ги уништува бактериите што станале имуни
Со помош на вештачката интелигенција, научниците од Брод институтот во Масачусетс испитале и тестирале милиони хемиски соединенија и пронашле нов тип на антибиотик, кој е во состојба да онеспособи два вида бактерии кои станале имуни на постоечките антибиотици, објави научното списание „Њу саенс“ (New Science).
Препорачано
Лабораториските тестирања покажаа дека новопронајдената класа на антибиотици е смртоносна за бактеријата стафилококус ареус (Staphylococcus aureus), која станала отпорна на антибиотикот метицилин. Оваа бактерија е честа причина за кожните и болестите на ткивата кај луѓето.
Новиот лек ја уништува и бактеријата ентерокок, која престана да реагира на вообичаениот лек, антибиотикот ванкомицин. Оваа бактерија е одговорна за менингитис, абдоминални инфекции, како и за инфекции на раните и слични повреди.
„Нашите модели на вештачка интелигенција ни покажуваат не само кои хемиски соединенија можат да имаат антибиотски својства, туку и како и зошто тоа се случува“, вели членот на истражувачкиот тим Феликс Вонг, додавајќи дека на овој начин, за кратко време, може да се пронајде и предвиди дејството на една цела класа на нови и ефикасни антибиотски лекови.
Тој наведува дека во првата фаза од истражувањето биле тестирани ефектите на 39.000 хемиски соединенија на стафилококус ареус и на три типа човечки клетки земени од црниот дроб, мускулите и белите дробови.
Информациите за ваквите многубројни реакции ѝ помогнале на вештачката интелигенција да разбере и научи сè за атомската структура и начинот на реагирање на споменатите хемиски соединенија, меѓу кои, на крајот од експериментот, и биле откриени новите антибиотици.
Инаку, отпорноста на антибиотици одамна стана еден од сериозните здравствени проблеми во светот. Податоците од 2020 година покажуваат дека 6,2 милиони луѓе починале во светот поради неефикасноста на антибиотиците, директно или индиректно.
Светската здравствена организација (СЗО) предвидува дека до средината на овој век, бројот на смртни случаи поради отпорност на антибиотици ќе надмине 10 милиони на глобално ниво.