Со парите од народот ќе се обезбеди економски раст, или мебел и нови возила?

Буџетот за 2024 на Комисија за финансирање и буџет

Се вкрстија копјата на партиите на комисиска седница за буџетот за 2024-та. ВМРО-ДПМНЕ заедно со Коалицијата Обнова на Македонија ќе поднесат 259 амандмани за да се вметнат бројните забелешки во однос на предложениот буџет

Со вообичаен вокабулар на партиите на власт и на оние од опозицијата се толкуваше Предлог-буџетот за 2024 година за кој вчера почна расправата на матичната собраниска Комисија за финансирање и буџет. Министерот за финансии Фатмир Бесими рече дека Предлог-буџетот обезбедува услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост, поддршка на стандардот на граѓаните и ранливи категории граѓани и стопанство, како и интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ. Претседателот на Комисијата за финансирање и буџет Бојан Стојаноски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ рече дека неговата партија заедно со Коалицијата Обнова на Македонија ќе поднесат 259 амандмани за да се вметнат бројните забелешки во однос на предложениот буџет.

Стојаноски го нарече буџетот нереален, неразвоен и креиран без концепт, а според него капитални инвестиции остануваат само напишани на страниците на буџетите.

– Капитални дотации на општини се кратат за 99,3 милиони денари во однос на Буџетот за 2023 година, ставката за изградба и одржувањето на објекти за детска заштита, или популарно наречени градинки, се кратат за 63 милиони денари, или цели 47 проценти. Кај Програмата Изградба и одржување домови за стари лица, се кратат 8,6 милиони денари, или 33 проценти – рече Стојаноски.

Тој наброја низа позиции што се кратат, како и низа што се поголеми во однос на годинава, а кои, според него, покажуваат дека не постои волја да се намалат трошоците што се прават. Тука ги спомена растот на плати и придонеси, што според него е планирано поради раст на партиски вработувања, раст на износот на ставката Стоки и услуги која е над 1 милијарда евра, потоа раст на расходите за патни и дневни трошоци.

– Ставката материјали и ситен инвентар е планирана 5,6 милијарди денари повеќе или 11 проценти повеќе отколку во 2023 година. Ставка привремени вработувања планирана е 240 милиони денари, или 20,6 проценти повеќе. За купување мебел се планирани 2,2 милијарди денари повеќе, или 106,9 проценти повеќе од лани, а за купување на возила има 319 милиони денари повеќе, или 208 проценти повеќе – наброја Стојаноски.

Тој потенцираше и дека кај Програма за јакнење на борбата против корупција има нула денари, а кај онаа за јакнење на владеење право само 1 милион денар од буџет од 5,5 милијарди евра.

– Во 2024 година ќе се задолжиме со 1,2 милијарди евра, а големи изгледи се дека до крајот на годинава долгот ќе биде 9 милијарди евра- рече Стојаноски критикувајќи ја, како што рече, нереалноста на капитални инвестиции од 773 милиони евра во услови кога ќе има двојни избори.

Министерот Фатмир Бесими му одговори дека „доброто во демократијата е што гледаме со различни очила“. Во однос на долгот, Бесими потенцираше дека најважно е што во буџетот се менува структурата, односно дека од минатата година нивото на капитални расходи е двапати повисок во однос на 2020 година и дека таквата тенденција е задржана и во буџетот за 2024 година. Тој посочи и дека во ноември имало дури 163 проценти повеќе капитални расходи отколку ланскиот ноември.

Стојаноски пак, одговори дека треба да се знае дека во капитални расходи се вбројува и мебел и возила, а дека развојната компонента ја чинат само капиталните проекти.

Бесими рече дека во однос на возилата, зголемениот износ е поради купување на возила во здравството, а најмногу пари одат за 22 амбулантни возила.

На Комисијата за финансирање и буџет беше и Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет кој објасни дека задолженоста дефакто е коефициент, дропка на броител и именител. Во броителот е дополнителниот долг, а во именителот е дополнителниот раст на бруто-домашниот производ.

– Имајќи предвид дека нашиот буџетски дефицит за в година ќе биде 3,4 проценти, имаме простор и да го намалуваме броителот и да го зголемуваме именителот, сè додека буџетскиот дефицит не се сведе под 3 проценти. Но, на долг рок најоптимално е задолженоста да се намалува преку растoт на бруто-домашниот производ во зона од 4 до 5 проценти – рече Бишев.

Во Комисијата за финансирање и буџет, расправата по Предлог-буџетот трае 10 работни дена, по што се праќа на разгледување и усвојување на пленарна седница на Собранието. Според утврдените рокови, Буџетот за наредната година треба да биде донесен во Собранието најдоцна до 31 декември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот