
Со минималната плата, работниците ќе ладат нозе во леген, нема летување на државен трошок
За 2025 година не се предвидени средства за Програмата за поддршка на домашниот туризам во Министерството за економија и труд. Лани за 3.555 ваучери аплицираа повеќе од 5.000 граѓани, а мерката траеше од 2018 година
Домашните трудбеници годинава по сè изгледа нема да летуваат на државен трошок, бидејќи според информациите од Министерството за економија и труд, за таа програма не се предвидени средства. Лани повеќе од 3.500 граѓани добија ваучери за домашно летување во износ од 18.000 денари. За учество во програмата се пријавија 39 хотели во Охрид, Струга, Маврово, Негорци, Кичево, Дебар, Стар Дојран, Стрмица, Берово, на Попова Шапка, Пелистер и Пониква, а меѓу нив имаше со две, три и четири ѕвезди.
Препорачано
– За 2025 година не се предвидени средства за таа програма во Министерството. За оваа година кај нас нема таква програма, а за идната година не се знае – одговорија за „Слободен печат“ од МЕТ.
Оваа мерка во минатото даде видливи резултати, велат дел од туристичките експерти, со оглед на фактот дека бројот на домашни туристи во континуитет се зголемуваше во последните години, а нивните ноќевања веќе и го надминаа бројот на странски туристи. Колкав бил ланскиот интерес на граѓаните да станат добитници на 18.000 денари за летување на државен трошок, зборува и податокот дека на јавниот повик што беше објавен во февруари 2024 година, пристигнаа околу 5.000 апликации, што значи дека речиси половината од апликантите не ги добија.
Според пресметката на ССМ, едно просечно семејство со две деца со своите примања може да си дозволи седум ноќевања во јуни во бунгалов во Дојран. Претставниците на Владата, кои ја кројат новата просечна потрошувачка кошница, оценија дека никој не го скратува правото на одмор, во зависност од личниот стандард, но сепак одењето во странство на одмор било еден од податоците што треба да влезат во пресметките.
Според Програмата за поддршка на домашен туризам за работници со ниски приходи, за оваа можност за 2024 година беа обезбедени 1 милион евра. Програмата траеше од 2018 година и вкупно беа доделени околу 3 илјади ваучери поради ограничениот буџет, но лани сумата предвидена за домашните летувалци беше трипати зголемена. Министерството за економија, лани додели 3.555 ваучери за одмор во домашните туристички центри за работниците чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето-приходот од 50.000 денари. Јавниот повик беше лани објавен на 12 февруари, а право на учество имаа сите физички лица што се вработени.
Главната цел на оваа мерка за која и во изминатите години имаше голем интерес, беше да им се овозможи на лицата со ниски приходи да искористат годишен одмор и во исто време да им се помогне на туристичките центри во зголемување на обемот на работа надвор од туристичка сезона.
Хотелиерите што неколку години по ред учествуваа на повикот на МЕТ, беа задоволни од мерката. Потврдите можеа да се искористат од моментот на добивање до 30 јуни 2024 година и од 15 септември до 1 декември.
– Цените во тој период се поволни, а граѓаните можат да си ги распоредат средствата и да одберат колку дена ќе искористат во јуни, а колку во септември. Има многумина што сакаат да одмораат на планина, на чист воздух и да избегаат од градската врева, а доделените средства се доволни за еден скромен одмор – рекоа лани за нашиот весник од хотелот „Молика“ на Пелистер.
Инаку, во 2021 година 4.086 граѓани аплицирале на повикот за добивање ваучери со вредност од по 200 евра. Но, за разлика од 2020 година, кога на располагање беа повеќе од 100.000 ваучери, тој број во 2021 година се сведе на само 1.250. Вредноста на ваучерите во 2020 година изнесуваше 6.000 денари, плус џепарлак од 3.000 денари, односно платежна картичка за да плаќаат во кафеаните и кафулињата. И во 2022 година беа доделени меѓу 1.500 и 2.000 ваучери со вредност од 15.000 денари.
Црна дамка врз оваа мерка фрлија обидите на дел од граѓаните што во 2020 година добија ваучери за туризам вредни 6.000 денари, а ги продаваа и за двојно пониска цена. Истата година пазарната инспекција проверуваше неколку сместувачки објекти поради можни измами со ваучерите.