
Со концертни настапи на музички автори од поновата генерација беше отворено новото онлајн радио „Стереолаб“
Пред повеќе стотици поддржувачи на независната музичка сцена и со куси концертни настапи на надоаѓачките музички бендови и на веќе докажани музичари и диџеи на 14 февруари беше отворено новото онлајн радио „Стереолаб“ во КЦ „Лабораториум“.
Препорачано
Стартот на радиото беше означен со концертни настапи на осум македонски музички автори од поновата генерација, како Глигор Кондовски, „Алембик“, Јоана, „Стој. После!“, „Вагина корпорејшн“, Огнен Златанов, „Светлост“ и Лепи Џони и диџеј сетови на М.И.К и Дарко Јорданов.
– Идејата и иницијативата за „Стереолаб“ произлезе од Мирко Попов и КЦ „Лабораториум“. Беше неопходен нов градски електронски медиум со дефинирана и квалитетна музичка преференца, која на слушателите ќе им ги доближува современите развојни текови, пред сѐ, од локалната, потоа и од светската сцена. Како долгогодишен радиоводител, другар и соработник на Попов, во соработка со „Лабораториум“, ја продолживме и доразвивме оваа иницијатива на ново градско радио, кое почна да емитува програма од 14 февруари – изјави Дарко Јорданов, главен и одговорен уредник на „Стереолаб“.

„Стереолаб“ е нов македонски електронски медиум, кој ќе ја промовира современата култура, како двигател на нови идеи и квалитетен јавен простор за различни генерации граѓани. „Стереолаб“ е музичко радио, кое во фокус ја става домашната квалитетна авторска музичка продукција и сцена, а ќе негува и промовира тековни и веќе познати музички тенденции од целиот свет.
Со „Стеролаб“, КЦ „Лабораториум“ ќе придонесе Скопје да стане уште подобар и подостоинствен град за живеење.