Фестивалот се одржува на локации покрај Охридското Езеро

Со европски филмови под отворено небо во Охрид ќе се одржи седмиот „Бич филм фестивал“

На четири локации во Охрид од 17 до 21 јули ќе се одржи седмото издание на Фестивалот на нов европски филм „Бич филм фестивал“. Овогодинашното издание нуди богата програма со филмски проекции, едукативни работилници и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа: Плажа Славија, Брод Армада, Плажа Сараиште и Младински центар Охрид.

Фестивалот ќе биде отворен со филмот „Живи и здрави“ (Forever hold your peace) на црногорскиот режисер Иван Мариновиќ, а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови.

Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите „Сиото џез“ и „Харакири“, диџејките Баила и МарТиан, како и музичкото дуо СИЗ.

Во составот на четиричленото жири се Џулијан Генисон (Julián Génisson), во соработка со шпанската амбасада, Карла Шола, Агим Абдула и Џени Жилка (Jenńi Ƶyĺka), во соработка со Гете Институт. Жирито ќе ги додели наградите „Голем бран“ за најдобар долгометражен филм и наградата „Стефан Сидовски – Сидо“ за најдобро актерско остварување.

Исто така, оформено е и тричлено жири кое ќе ја додели наградата „Мал бран“ за најдобар краткометражен филм, а кое се состои од Ѓоко Симјаноски, Веле Митаноски и Свето Стефановски.

Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и посебно ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор, целно во периодот додека трае фестивалот. Поради тие причини оваа година фестивалот се збогати со уште еден тип на програма – филмови за најмалите посетители и нивните блиски, кои ќе бидат прикажани на градската плажа Сараиште, каде што секој ден од 17 до 21 јули, со почеток од 20 часот, ќе има проекции на детски филмови и влезот на истите е бесплатен.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот