
Со бегството на Блерим Рамадани ќе се занимава комисија на Судскиот совет
Комисијата, според претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред неговото бегство ги донел Основниот кривичен суд Скопје
Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева формално не била известена за случајот со Блерим Рамадани кој избега од куќен притвор додека во тек беше екстрадициската постапка, но вели дека Судскиот совет има должност да реагира по допрен глас.
Препорачано
Случајот со Рамадани ќе го испитува посебна Комисија која ќе треба да ја констатира фактичката состојба во однос на одлуките кои непосредно пред неговото бегство ги донел Основниот кривичен суд Скопје, најави Дамева на денешната итна 495-та седница на Советот.
– Сметам за потребно како прв човек на Судскиот совет дека треба да се формира комисија и што поскоро да се констатира фактичката состојба по однос на ова и пред јавноста да излеземе со конкретни податоци. Има нешто, се случувало. Виновен е Судот, не е виновен, да не прејудицираме. Реакцијата на Судскиот совет во овој момент согласно неговата надлежност е таа, да ја испита состојбата – изјави Дамева.
Комисијата што ја најави Дамева е составена од координаторот на Основниот кривичен суд Скопје, судијата Александар Камбовски, заменик претседателот на Судскиот совет Ханиф Зендели и членот на Судскиот совет Павлина Црвенковска.
– По констатирање на состојбата се задолжува Комисијата да изготви извештај кој ќе го достави до Судскиот совет и по кој Судскиот совет понатаму ќе расправа и одлучува – рече Дамева.
Оваа одлука на Судскиот совет следи по бегството од куќен притвор од домот на роднини во земјава на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани кој минатиот месец беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија.
Рамадани, врз основа на меѓународната потерница издадена до Интерпол од Србија, беше уапсен на 17 јули 2024 година на граничниот премин Јажинце и однесен на 30 дена екстрадициски притвор во затворот во Шутка. Содржината на налогот за апсење се заснова на сомневањата на Србија дека Рамадани, како поранешен војник на ОВК, извршил воени злосторства во регионот на Неродиме.
На 1 август, мерката на Рамадани од надлежен македонски суд му беше преиначена од „притвор“ во „куќен притвор“ и тој, според решението, беше упатен на адреса во Скопје. Со оваа одлука се предвидуваше тој да остане во „куќен притвор“ до 16 август.