
Со 1,5 милиони евра од ЕУ ќе се подобрува правната рамка за квалитетот на воздухот
Со поддршка на ЕУ ИПА 2 Програмата , во ноември 2024 година започната е имплементацијата на проект со кој ќе се доусогласува законската рамка за квалитет на воздух со европските регулативи, соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање.
Препорачано
– Во рамките на двогодишниот проект за кој Европската Унија обезбеди средства во висина од 1,5 милиони евра целосно ќе се транспонираат европските директиви (2008/50/EC, 2004/107/EC и 2016/2284/EC) во националното законодавство односно ќе се докомплетира законската легислатива за воздух. Согласно директивите ќе се изработи комплетно нов закон за квалитет на амбиентен воздух и повеќе подзаконски акти, односно правилници што ќе ги следат барањата на ЕУ директивите и со тоа ќе се обезбеди поголема уреденост на оваа област. Исто така, ќе се подготват и планови за имплементација на директивите за квалитет на воздух со вклучени фискални импликации за нивно спроведување – се вели во соопштението.
Во рамките на проектот, како што соопштија од Министерството, ќе се изработат националните плански документи за заштита на амбиентниот воздух што произлегуваат од Законот за квалитет на амбиентен воздух, во кои ќе се дефинираат и приоретизираат мерки за подобрување на квалитетот на воздухот во соработка со надлежните институции.
– Во исто време ќе се работи на подобрување на националниот инвентар за емисии во воздухот и подготовка и спроведување на план за мониторинг на тешки метали, полициклини ароматични јаглеводороди и испарливи органски сооединенија. Согласно зголемениот обем на мерења ќе се воспостават зони и агломерации за овие супстанци. Ќе се работи и на зајакнување на административните капацитети за нивно спроведување и со тоа подобрување на квалитетот на воздухот – се додава во соопштението.