
Снеже Велков: Драган Вучиќ заслужува да го паметиме по тоа што измамуваше насмевки кај луѓето
Пред две години, на вчерашен ден нѐ напушти Драган Вучиќ, еден од најдобрите македонски композитори и авторот на бројни забавни телевизиски емисии.
Препорачано
По повод годишнината од смртта на Вучиќ, водителката Снеже Велков реши да објави емотивен текст, посветен на легендарниот телевизиски лик.
„Само тој ја имаше моќта да биде Голем покрај Големите имиња од јавниот живот и мал и обичен покрај обичниот народ на кој му приредуваше еден куп забавни емисии.
Знаете ли дека „Вашите 5 минути“ е првата емисија за пронаоѓање на млади пејачки таленти, пред сите „Гранд ѕвезди“, „Идоли“ и „Пинкови ѕвездички“?
И само тој со еден повик знаеше да договори гостување во емисија на која било екс-ју ѕвезда и со ист таков ентузијазам да праша „Имаме пакет сокови Сано или повеќе сакате брашно“?
Само тој имаше бело зајче како „ководител“.
Со таква леснотија ги правеше емисиите, без мозгање, без паметување и надмудрување. Без измислување „топла вода“.
Ако народот го сака „Величенствениот“, одиш и снимаш интервју со него. Ако народот го сака Полат, го правиш истото и таков отмен стегнат во црн костум чиниш си актер од серијата „Долина на волците“ застануавш и се сликаш за насловна со тој истиот Полат.Што не е јасно тука?!
Од неговиот ум можеше да произлезе безвременска мелодија како „Свирете ја ‘Зајди зајди’“ и мудро да понуди помош на гледач кога на прашањето: „Како се вика братот на сопругата?“ гледачот упорно го кажува името на братотот наместо шура.
Еднаш одамна кога му правев интервју го прашав: „Зошто кога толку го критикуваат не најде на пример некој друг да му ги води емисиите, а тој да биде позади камерата?“
Ми рече вака: „Ако најдеш еден, барем еден на нашава сцена кој се знае со толкав број јавни ликови од Балканов, и кој со еден повик ќе ги викне во емисија, и при тоа да им поставува издржани прашања. Ако најдеш некој кој знае како да го усреќи народов со такви ситни награди, кои на некого му се многу битни, и кој и после толку време на екран сѐ уште сакаат да го гледаат – кажи ми и спремен сум да се повлечам.“
„Нема таков“ му реков тогаш.
„Нема таков Драгане“ велам и сега. Нема ни да да има.
Оти знаеш што? Само ти успеа со микрофон со ознаките на Сител да се појавиш на Канал 5. И ич да не ти чуе.
И секогаш, ама секогаш добиваше премиерен термин во која телевизија и да отидеш.И, најбитно, кога и да се спомене твоето име кај сите луѓе предизвикува насмевка. Оти таков и беше, а така и заслужуваш да те паметиме – по измамување насмевка кај луѓето.
Си замина на вчерашен датум, ама денес пишувам затоа што вреди да се памети само твоето постоење…
Слава ти, драг Драган Вучиќ!“
Објавата можете да ја прочитате тука.