Случајот со смртта на 14-месечното бебе денеска ќе се најде пред Лекарска комора

Етичката комисија на Лекарската комора вчера го добила извештајот од стручната комисија што ја состави министерот за здравство Арбен Таравари, а која најде низа пропусти во начинот на кој било лекувано 14-месечното бебе кое почина на Детска клиника. Од Лекарската комора за „Слободен печат“ потврдуваат дека денеска етичката комисија ќе го разгледа извештајот. Во меѓувреме, според наши информации, директорот на Детската клиника, Реџеп Мемеди, во 11 часот денеска свикал состанок со сите раководители на оддели на Клиниката, со намера да се казнат две докторки што биле дежурни на 3 октомври – денот кога бебето било одбиено за хоспитализација.

Бебето почина од бронхопневмонија, а родителите го носеле со денови во Детската клиника каде што не било задржувано, туку прегледувано и праќано дома.

При направениот стручен надзор на Клиниката за детски болести и во Клиниката „Козле“, констатирани се недостатоци кои се системски, технички и во однос на стручноста. Во Министерството за здравство и во Детската клиника неделава прашавме во кој временски период, до кој датум ќе ги отстрануваат овие недостатоци, односно како ќе го решат проблемот за идните пациенти. Молчат и од Министерството и од Детската клиника. Министерот за здравство Таравари денеска на прес-конференција изјави дека досега ниту од болницата „Козле“ ниту од Детската клиника не е пристигната жалба на наводите од стручната комисија што тој ја формираше а е составена од здравствени професионалци.

– Констатирано е непостоење на препораки за тријажа на пациентите при прием и понатамошен третман. Констатирана е потреба од континуирана обука на докторите на Клиниката за детски болести за срцево-респираторна поддршка. Во Козле е констатирана потреба од апарат за пружање респираторна поддршка, инвазивна и неинвазивна. Констатирана е и потреба од видеоларингоскоп на Детската клиника, како и унапредување во организирањето на транспорот на пациентите од една во друга установа. Комисијата за стручен надзор нотираше превид во проценката за потребата од хоспитализација при вториот преглед на бебето извршен на клиниката на 3 октомври – изјави министерот за здравство Арбен Таравари.

Какво подобрување и каква поука за функционирањето на Детската клиника ќе донесе овој трагичен настан, засега е непознато. Нема никакви конкретни преземени мерки за унапредување на одделението за интензивна нега. Тоа е кадровски незаокружено, а специјалисти од болницата за „Слободен печат“ неделава обелоденија дека фали и обука.

Седум доктори од Детска клиника барале обука за интензивна нега и не ја добиле – на дежурство им почина 14-месечното бебе

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот