Асмир Јахоски - Фото/Фејсбук

Случај „Пуцко петрол“ – Мицкоски го прозва „тој што му стоеја на ушка“

Иако Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, на чие чело е Ислам Абази, поднесе жалба на решението на судијата на претходна постапка, кој му одреди куќен притвор на сопственикот на „Пуцко петрол“, Асмир Јахоски, син на пратеникот од ДУИ, Исмаил Јахоски, сепак, премиерот Христијан Мицкоски продолжи со обвинувањата кон Абази. Не го спомена со име и презиме, но го опиша со зборовите „на тој што му стоеја на ушка“, алудирајќи на фотографијата што излезе во јавност на која Абази, во семејна и опуштена атмосфера, беше фотографиран со братот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со кого потекнуваат од исто село.

– Јас сум сигурен дека вие, новинарите, точно знаете за кое име станува збор и очекувам тоа да биде во насловите на вашите соопштенија. На тој што му стоеја на ушка на една слика – рече Мицкоски.

ОЈОГОКК го обжали решението за куќен притвор на Јахоски

Критиките кон Обвинителството почнаа веднаш по акцијата против злоупотребите со мазут, во која меѓу приведени беа сопственикот на „РКМ“, Ратко Капушевски и Јахоски. Капушевски заврши во истражниот затвор во Шутка, но на Јахоски му беше одреден куќен притвор, решение што го обжали Обвинителството.

„Незадоволно од ваквата одлука, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во законски утврдениот рок до Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје, поднесе жалба поради суштествена повреда на одредбите од кривичната постапка и побара Кривичниот совет да ги преиспита фактите содржани во жалбата, како и решавачките факти врз чија основа е донесено обжаленото решение“, соопшти Обвинителството.

Иако компанијата „Пуцко петрол“, која години наназад добива голем број тендери, сè уште е една од најчестите во листата на Бирото за јавни набавки која ги снабдува државните компании со нафта, сепак, за тоа што Јахоски заврши во куќен притвор, на премиерот виновно му е Обвинителството на Абази.

– За мене се алармантни информациите што ги добивам, а кои се поврзани со однесувањето на прв човек на едно обвинителство кога слушнал за акцијата што ја спроведуваше МВР и БЈБ пред два дена. Навистина сум шокиран како се однесувал тој човек и како продолжува да се однесува. Ним не им е местото таму. Ако сакаат да бидат дворско-партиски забавувачи, тогаш нивното место не е во Обвинителството, туку во оние големи хациенди што се изградени во Западна Македонија. Но, доколку сакаат навистина да имплементираат правдина, тогаш треба да го сменат своето однесување. Тоа што го слушнав како тој човек се однесувал, мислам дека многу скоро од денеска ќе се кае, но тогаш се плашам дека ќе му биде доцна – изјави Мицкоски.

Фото: „А1он“

Премиерот постојано ги обвинува СДСМ и ДУИ, односно судиите и обвинителите што „работеле за нив“ дека ја опструираат борбата против криминалот и корупција. Но, опозициската СДСМ го потсети Мицкоски дека компанијата „Пуцко петрол“ почнала да го гради својот бизнис во време на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и дека оваа компанија само во последните девет месеци добила 170 тендери.

– Капушевски е долгогодишен поддржувач и „дете на Груевски“, ДПМНЕ точно знае дека за овој случај е одговорен човек што излегол од нивните структури. „Пуцко петрол“ е компанија што израсна во времето на коалицијата ДПМНЕ-ДУИ и е главен бизнис-партнер на сите градоначалници на ДПМНЕ, ама и на институциите што ги водат. Само во последните девет месеци, општини и институции раководени од ДПМНЕ имаат склучено 170 тендери со компанијата „Пуцко петрол“. За ова треба да одговори ДПМНЕ. СДСМ ѝ дава поддршка на истрагата и очекуваме целосно расветлување на случајот. Секој што се огрешил, треба да одговара. Но, ДПМНЕ треба да одговори како тоа повторно кога е обвинет некој од ДУИ нема притвор, дали повторно има договор како што беше со Артан Груби, кој беше пуштен да избега – соопштија од СДСМ.

И адвокатот на Капушевски поднесе жалба

Капушевски е во затворот во Шутка, а неговиот адвокат Еленко Миланов за „Слободен печат“ потврди дека веќе поднеле жалба на решението. Јахоски, пак, според нашите неофицијални информации, го брани адвокатот на Артан Груби, Владимир Доневски, кој засега нема коментар за решението за куќен притвор за Јахоски.

Судот и Обвинителството излегоа со различни верзии за тоа кој се согласил и кој прифатил затворскиот притвор за Јахоски да му биде преиначен во куќен. Обвинителството тврдеше дека обвинителот предложил затворски притвор за Јахоски, а судијата на претходна постапка не го прифатил предлогот на Обвинителството.

– Во образложението на решението е истакнато дека судијата на претходна постапка при донесување на одлуката ги имал предвид околностите истакнати во предлогот на Обвинителството, но во исто време ги имал предвид и субјективните околности што се на страна на осомничениот, односно дека тој, со одлука на Основен граѓански суд Скопје, е старател на своите четири деца, од кои три се малолетни, дека има оформени цврсти врски со државата и сопствена фирма со повеќе вработени, како и дека неговата здравствена состојба е нарушена за што доставил документација – велат од Обвинителство.

Судот, пак, тврдеше дека пред судијата јавниот обвинител се согласил за промена на предлогот.

– Пред судија на претходна постапка, јавниот обвинител се согласи за промена на предлогот за определување мерка притвор со предлог за определување на мерка куќен притвор, што беше прифатено од Судијата на претходна постапка – соопшти Судот.

Обвинителството отвори истрага и, според соопштението од Обвинителството, Капушевски се сомничи дека неговата фирма две години увезувала мазут за ТЕЦ Неготино, иако не ги исполнувале условите од јавниот повик, поднеле невистинита документација и го оштетиле буџетот за речиси 170 милиони евра.

Капушевски и неговата фирма се сомничат за злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство и перење пари, додека Јахоски се сомничи за перење пари.

Според Обвинителството, имало фиктивен договор меѓу двете фирми за извлекување пари, а во два наврата како позајмица, сопственик на својата фирма си префрлил 1,2 милиони евра (720 милиони денари), за што Обвинителството смета дека постојат сомнежи за перење пари.

Обвинителството бараше притвор за петмина осомничени, меѓу кои и за поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој е во бегство и е обвинет и во предметот „Адитив“. Притвор беше одреден за Капушевски, потоа за Ерџан Сулкоски, порано вработен во „Пуцко петрол“, а сега бизнис-партнер на Капушевски, како и за поранешниот директор во ЕСМ, Ардијан Муча. Јахоски доби домашен притвор.

Ислам Абази не бил во државата кога се приведуваа Капушевски и Јахоски – Обвинителство го демантира Мицкоски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот