
Слот: Не очекувајте Исак да игра 90 минути на секој натпревар
Менаџерот на фудбалерите на Ливерпул, Арне Слот, зборуваше пред гостувањето на Барнли од четвртото коло во Премиер лигата.
Препорачано
Холандскиот стратег го коментираше рекордниот трансфер на Александер Исак на последниот ден од преодниот рок ова лето и ги сподели своите очекувања за напаѓачот.
Слот брзо нагласи дека Исак нема да игра на секој натпревар за „црвените“, бидејќи сè уште заостанува во подготовките. Како што е познато, шведскиот интернационалец не тренираше целосно во последните неколку месеци и ја пропушти турнејата на својот поранешен клуб Њукасл во Азија.
Пред неколку дена, Исак запиша само неколку минути со шведската репрезентација во квалификацискиот натпревар за Светското првенство со Косово, кој Скандинавците го загубија со 2:0.
– Не очекувајте да игра 90 минути на секој натпревар, тоа дефинитивно нема да се случи. Тој немаше соодветна предсезона, пропушти три или четири месеци тренинг со тимот, па сега мора да го правиме тоа постепено. Ќе биде предизвик за нас, но не го доведовме само за следните две недели, туку за шест години. Тоа е нешто што треба да го имате предвид, а и навивачите тоа мора да го имаат предвид – рече Слот.
Во составот на Ливерпул за натпреварот против Барнли е вклучен и бекот Џереми Фримпонг, кој се повреди на своето деби во Премиер лигата и ги пропушти последните два натпревари на клубот од Енфилд.