„Слободен печат“, единствен медиум со прирачник за родово-сензитивно известување

Минатата вечер во Скопје се одржа дискусија и промоција на интерниот водич за родово-сензитивно известување кој „Слободен печат“ го усвои за своја внатрешна употреба.

Водичот за родово-сензитивно известување е компас за навигирање во секојдневните новинарски задачи, креирање на медиумски содржини на начин на кој се внимава на родовите нееднаквости во општеството и тој се стреми кон правично прикажување на жените и мажите односно нивните идентитети и искуства.

Тоа вклучува препознавање и адресирање на начините на кои родот влијае врз животите, улогите и можностите на поединците, како и пошироките општествени структури и динамика на моќ во кои тие постојат. Инклузивното известување цели да се создаде медиумска средина во која сите поединци се чувствуваат претставени, ценети и почитувани.

Потребата од родово-сензитивното известување се јавува поради тоа што жените и понатаму се недоволно застапени и често стереотипно портретирани во медиумските наративи, како одраз на постојани родови предрасуди и нееднаквости. Според некои анализи 80 проценти од вестите ги опфаќаат мажите, а само 20 проценти жените, при што, кога жените го добиваат свјот глас во медиумите, често се ставаат во улога на жртви и ранливи, додека ретко како експертки.

Родово-сензитивното известување е моќна алатка за промовирање социјална правда и еднаквост.

На јавната дискусија и промоција на прирачникот, новинарката на „Слободен печат“ Агнеса Чаволи меѓу другото истакна дека принципот на родово-сензитивно известување веќе почна да се применува во редакцијата, а прирачникот е само едно надополнување и помош на тој пат.

-Новите генерации пополека ги менуваат начините на известување и пополека се менува објективизирањето на жената и негативните термини за гледиштето на жената и како таа се прикажува во медиумите и во вестите. Мислам дека треба уште да се работи во таа насока, рече Чаволи.

Новинарката Мирослава Симоновска рече дека редакцијата на „Слободен печат“ се одлучи за усвојување на ваков интерен водич поради тоа подигнување на нивото на свест, и во согласност со европските и светските стандарди.

-Вакви водичи се пракса во големи медиумски корпорации и во Европа и во Америка, во поразвиените демократии. Точно е дека водичот е новитет во Македонија но не е новитет во светот. Прирачникот ни е корисен поради менување и унапредување на содржините, вклучување на жени експертки во содржините, како и да продолжиме во насока на тоа да бидеме чувари и помагачи и кога известуваме за теми каде има насилство врз жените, да ги понудиме и решенијата и надежта која треба да произлезе и други да се охрабрат да пријават, рече Симоновска.

Преку работилници со новинарките од „Слободен печат“, интерниот водич го изработи организацијата ПИНА под координација на Кристина Озимец, претседателка на ПИНА. Водичот е еден од резултатите што произлегоа од проектот за регионална соработка и продукција на содржини од жени за жени, како и на новинарките и нивните услови за работа, но и нивната физичка и онлајн безбедност. Слободен печат беше носител на овој проект, а ПИНА партнерска организација.

Озимец смета дека усвојувањето на прирачникот е позитивен исчекор во македонскиот еко-систем.

-Прирачникот е за интерна употреба на „Слободен печат“. Она што е важно и интересно е што овој прирачник е еден од првите од ваков вид во земјата кога станува збор за медиумите, според моите информации. Нашите медиуми малку каскаат во таа смисла, во усвојување на политиките во рамки на медиумот. Овој прирачник е за родово сензитивно известување, што е од голема важност не само за „Слободен печат“ што со усвојувањето на водичот го подигна стандардот за родово сензитивно известување, туку и за слободата на изразување, зашто тоа значи дека новинарите преку овој водич ќе добијат дополнителна помош при известувањето, изјави таа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот