
„Слободен печат“ дознава: Матичниот број ќе стои на пописните листи, отисок е невозможна мисија
„Слободен печат“ дознава дека во пописните листи, сепак ќе стои и матичниот број на граѓаните за да биде спречено евентуалното двојно или повеќекратно попишување. Барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во пописот да биде вклучен и отисокот од прст, според директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски е невозможна мисија.
Препорачано
Симовски за „Слободен печат“ вели дека освен што технички не може да се изведе една таква операција, таа идеја е и спротивна со Законот за заштита на личните податоци.
– Прво, единствена институција која може да зема отпечаток од прст и тоа за лични документи е МВР, второ МВР не може да ја сподели базата на отпечатоци со Државниот завод за статистика за ние да видиме дали тие се совпаѓаат или, пак, не и трето, ние не смееме да ги споделуваме податоците од пописот со било која институција, па дури ни со МВР. Податоците добиени со пописот, согласно Законот за попис можат да служат единствено само за статистички цели. Да не правиме муабет колку набавката на такви терминали ќе ја подигне цената на пописот, но и би ја усложнило целата процедура, вели директорот Симовски.
Првиот човек на Државниот завод за статистика посочува дека доколку се исполнат барањата на опозициската партија, многу категории на граѓани ќе останат непопишани.
-Што правиме со децата кои немаат отисок од прст во МВР, или пак со оние што немаат лична карта или пасош? И странците што се цел на пописот немаат отисок од прст во МВР, а престојуваат со одобрение. Исто така имаме и луѓе надвор од државата повеќе од 12 месеци, а се дел од категоријата од вкупно резидентно население, кое според правилата на ОН, ЕВРОСТАТ и други меѓународни институции се дел од вкупното население. Што ќе правиме со воениот персонал што е надвор од државата, со нашите дипломати и нивните семејства, но и со сите оние што поради некоја друга функција не се тука. Значи накратко кажано оваа идеја на ВМРО-ДПМНЕ е повеќе од небулозна. Би препорачал да ги отворат и да ги прочитаат препораките на ОН/Економска комисија на Европа, ЕВРОСТАТ, во делот што важи за Европа, па и пошироко. Таму пишува дека за пописот не треба да се бараат никакви документи, вели Симовски.
Ременски за отисок на пописот: Сите ја лапнаа јадицата на оваа “дебата”, а фелата молчи
И министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека предлозите за пописот се добродојдени, но само ако се реални.
-Дали е реално да се изврши попис со отпечаток од прст како што планира ВМРО-ДПМНЕ, дали е реално да се обезбедат финансиски средства за да можат да се набават ваквите апарати, дали е реално да очекуваме дека некој може да изврши испорака на тие апарати, и најважно сепак е прашањето зошто опозицијата на дебатата која се одвива со години, токму во овој момент се одлучува да поставува еден некаков нов услов за евентуална поддршка. Затоа ќе кажам. Попис во државата мора да има, рече министерот Спасовски за Утрински брифинг.
Во меѓувреме опозициската ВМРО-ДПМНЕ најавува дека нема да ги признае резултатите од пописот, бидејќи според нив пописот ќе биде политичка фалсификувана операција, и дека затоа треба да се спроведе со отпечаток на прст.
Лидерот на партијата Христијан Мицкоски рече дека не поддржуваат попис кој ќе покаже дека Македонија има три милиони жители.
-Ваков како што е конципиран пописот нема да го признаеме. Затоа даваме предлог, дајте луѓе да набавиме 10.000 терминали, дајте да попишеме резидентно население, а не замислено население. И да знаеме колку население точно имаме. Ова не може да се сопре со филибастеринг, затоа што има европско знаменце. Треба да ѝ кажеме на јавноста што можеме, а што не можеме. Ние бараме да биде вистински статистичка операција, и да нема потреба од два потписа. Еве, да одиме преку ‘фингерпринт’ терминали односно единици каде што ќе се чита отисокот на прст“, рече Мицкоски.
Мицкоски во интервју за Алфа уште рече дека следната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе кредибилен попис, кој вистински ќе биде статистичка операција, а не на крај да даде политички одговор. Од СДСМ велат дека пописот нема да биде политичка операција туку статистичка, според меѓународните прописи и стандарди на ЕВРОСТАТ.
Според премиерот Зоран Заев денеска пописот е сосема поразлична статистичка операција од тоа што бил порано кога се формираа политички одбори коишто го спроведуваа пописот со одговорност на политичката власт, и се формираше Државна пописна комисија. Сега пописот се спроведува како насекаде низ ЕУ, со ЕВРОСТАТ правилата, а статистичкиот орган тоа е кај нас Државниот завод за статистика, и тие веќе пилот пописот го поминаа одлично.
-Новината е што најголем дел од податоците електронски се собираат што денеска е можно со влечењето од базите што веќе ги имаме. Тоа е ЕВРОСТАТ правило. Денес, со интегрираниот систем кој што го има МВР ние во секој момент можеме да ги провериме податоците за било кој граѓанин. Дали е тука во државата и колку време е надвор од државата, тоа се проверува на копче буквално. Јас од кога сум премиер донесовме заклучоци на Влада заради тоа што знаевме дека еден ден ќе ни дојде потребата за попис. Така да стравот дека ќе се оставале лични карти тука на нашинците коишто живееле во дијаспората па ќе ги испишат со личните карти, а тие се всушност надвор, тоа е не возможно заради тоа што на еден клик знаеме кој е тука во државата кој не е тука и не треба да се плашиме. На крајот дали Македонците биле над 65% или под, Албанците над 20% или под или слично, нема ретроактивно дејствие. Никој не губи права, ниту добива права со тоа. Оваа земја веќе прерасна во граѓанска држава каде што граѓаните се еднакви со своите права и со своите обврски, пописот ќе каже колку сме, какви сме, кои се тука, кои се надвор од државата, пописот е економска потреба“, рече Заев во интервју за Канал 5 телевизија.
„Слободен печат“ дознава дека во пописните листи, сепак ќе стои и матичниот број на граѓаните за да биде спречено евентуалното двојно или повеќекратно попишување.
Законот за попис кој Владата викендов го достави до Собранието е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка. ВМРО-ДПМНЕ најави амандмани. Пописот што треба да се спроведе следната година ќе чини осум и пол милиони евра и ќе биде за пет милиони евра помалку од пропаднатиот попис во 2011.