Бунт на артефактите, 2014

Сликарскиот феномен на Васко Ташковски е претставен во Даут-пашин амам

Водечкиот претставник на надреализмот, фантастичното сликарство, еколошките и космичките теми во македонската ликовна уметност, академик Васко Ташковски, со сите творечки фази е претставен на ретроспективна изложба, која од 21 октомври е отворена во објектот Даут-пашин амам при Националната галерија.

Според повеќето современици, придонесот на Васко Ташковски во современата македонска уметност уште на почетокот на творештвото се истакнува преку следењето на една сопствена тивка и ненаметлива ликовна патека, која му овозможи најсоодветно да го транскрибира авторскиот ракопис во континуитет до денес преку сликарство кое е класично според својата пластична структура, а воедно и надреалистичко фантастично во поетична смисла, со прецизен минуциозен цртеж и тонски раскошна палета.

Конкретно, исклучителноста, односно издвоеноста на неговото многуслојно творештво само за себе, но и во конкретното историско опкружување, се согледува во истрајното истражување на овие надреално фантастични визии како константен предизвик, определба која постојано ја надградува со нови теми преку кои е препознатлив како единствен сликарски феномен во современото македонско сликарство.

Создавач, 2004

– Движејќи се од првичните асоцијативни надреални мистериозни пејзажи кои се дехуманизирани, замислени како метафизичка пустош по катастрофа, преминува кон научнофантастични многузначни вселенски мистерии на психолошката потсвест, а опсесијата со блиското и далечното минато и пророчкиот однос кон иднината се врзува со темата човек во градот, пустошот и пејзажот, односно неговиот ангажиран однос и влијание врз природата.

Сликарската визија на Васко Ташковски се фокусира на човековите излети во космосот, мечтаењата и визијата, бегството од невротичното време во замислени тродимензионални пејзажи најчесто со широк отворен хоризонт со небо и земја во заднината, додека во прв план се поставени структури налик на урнатини, стари храмови, лебдечки егзотични вегетациски оази, во комбинација со биолошко-техницизирани механички структури – посочува кураторот на изложбата Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија.

Влијанијата и рефлексиите од надреализмот и фантастиката, авторот ги трансформира во негов автохтон јазик со специфични елементи презентирани преку повеќе ликовни дисциплини: сликарство, акварел и цртеж, со импресивна бројка на дела – околу 1.000 слики во маслена техника, над 3.500 акварели, над 1.000 цртежи, а понатаму и графики, сценографии и над 12.000 секојдневно дисциплинирано изработувани идејни скици.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 102, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 23-24 октомври 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот