Сланата ќе го сотре зеленчукот, грозјето и тутунот останаа несобрани, дождот добредојден само за есенската сеидба

Обилните дождови, првиот октомвриски снег и продолжениот пад на ниските температури ќе ги оштетат и црвените и црните домати и пиперките на отворено бидејќи е можна појава на слана, по што овие производи ќе бидат добри само за во ѓубре, објаснува за „Слободен печат“ Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери

Само што почна, ќе запре бербата на јаболката, а наместо на нивите, земјоделците по се изгледа ќе го преседат октомври дома, бидејќи сè уште не се собрани ни тутунот, ни грозјето и ајварката. Обилните дождови, првиот октомвриски снег и продолжениот пад на ниските температури ќе ги оштетат и црвените и црните домати и пиперките на отворено бидејќи е можна појава на слана, по што овие производи ќе бидат добри само за во ѓубре, објаснува за „Слободен печат“ Васка Мојсовска од Националната федерација на фармери.

Единствено добредојдени се врнежите за есенската сеидба, кои на земјоделците ќе им овозможат подобро да ги изораат нивите по долготрајната суша од Михолското лето. Ако не е сушата, тогаш се поројните дождови, мразот или градот, а тогаш пропаѓа сè за што сме се мачеле цела година, додава Мојсовска. Таа вели дека погледите на земјоделците се вперени во небото, кое донесе неочекувано ниски температури невообичаени за овој дел од годината кога се завршуваат некои берби. Ниските температури се неповолни и за оние што сепак се решија за правење ајвар, иако понудата на црвените пиперки ќе се намали, бидејќи нема да може да влегува во нивите. Метеоролозите најавуваат дека нестабилното време ќе продолжи.

– Со загриженост ги следиме временските прогнози. Грозјето ни остана необрано, а ако има слана, што е многу веројатно, ќе има големи штети врз есенскиот зеленчук, освен кај зелката и карфиолот, кои се поотпорни. По Крстовден почна бербата на јаболката, но и тие ќе настрадаат. Поројните дождови ја претвораат земјата во кал, во нивните и вво овоштарниците нема да може да се влезе – додава Мојсовска, која вели дека морале да ја прекинат бербата на грозјето.

Нашата соговорничка додава дека во Прилепско сè уште не е завршена бербата на тутунот, но и на црвената пиперка и на индустриските домати.

– Ако има слана, доматите и пиперките ќе скапат и ќе имаат жолти линии или црни дамки, а такви нема да може да се продадат, бидејќи горчат. Само што почна и бербата на оние јаболка што останаа здрави по априлските мразови. Треба да се оберат и костените и оревите, кои за среќа имаат цврста обвивка, па нема да настрадаат. Овие дождови и влагата се добри само за есенската сеидба и ќе ја вратат влагата во почвата – објаснува Мојсовска.

Наглиот пад на температурите ќе влијае и врз пчеларството, бидејќи пчелните заедници ќе доживеат температурен шок од падот на температурите од 30 на само 5-6 степени, велат одгледувачите.

– Ова ќе се одрази и врз медоносните приноси, оти наглите промени ќе ги пресечат пчелите. Тие не умираат од студено, туку од недостиг на храна – велат пчеларите.

Од Управата за хидрометеоролошки работи велат дека нестабилното време со локални врнежи што ја зафатија земјава овие денови, има позитивен ефект врз земјоделството. Новите дождови ќе ја подобрат состојбата со влагата во почвата, што е особено значајно по долгите топли и суви периоди. Земјоделците се советуваат да не ги прекинуваат активностите околу посевите. Во тек е претсеидбената подготовка на почвата – процес што, како што нагласуваат експертите од УХМР, е клучен за високи приноси. Подготовката мора да биде навремена и квалитетна за да обезбеди акумулација на вода и хранливи материи и непречен развој на кореновиот систем. Паралелно со обработката се препорачува и основно ѓубрење.

– Во моментов, во повеќе региони се одвива бербата на овошки, а и винова лоза од сортите вранец, смедеревка и кардинал е во завршна фаза на зреење. Иако лозата е отпорна на суша, стручњаците предупредуваат дека ниските температури и недостигот на дождови може да се одразат на квалитетот на грозјето – велат агрометеоролозите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот