Настанот ќе се одржи во Мобилна / монтажна галерија на Центарот за современи уметности

Скулптура што раскажува приказни на Озбек Ајваз ќе биде поставена во Паркот на Франкофонијата

Скулпторот Озбек Ајваз на 26 август, во 20 часот, во Паркот на Франкофонијата во Скопје ќе ја претстави својата втора самостојна изложба „Гласот на минатото“ – скулптурална инсталација поставена во јавен простор.

Делото претставува уметнички потсетник на едно време кога читањето весници беше секојдневен ритуал, а вестите се примаа со трпение, внимание и доверба во изворите. Со својата форма и порака, скулптурата ја оживува културата на внимателно информирање, која денес сè повеќе исчезнува под притисок на онлајн медиумите, социјалните мрежи и инстант информациите.

„Гласот на минатото“ не само што нè враќа во еден поинаков медиумски контекст, туку и предупредува за ризиците од брзината на современото информирање – полувистини, лажни вести и дезинформации што често се шират без проверка.

Проектот е во организација на Центарот за современи уметности (Мобилна / монтажна галерија), а финансиски е поддржан од Општина Центар и Министерството за култура и туризам на РСМ.

Озбек Ајваз е роден во 1999 година во Скопје. Во 2021 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, на отсек вајарство со модул сценографија, под менторство на проф. м-р Жарко Башески и проф. м-р Беди Ибрахим. Моментално е на магистерски студии на истиот факултет, отсек вајарство, под менторство на проф. м-р Жарко Башески.

Неговото творештво се карактеризира со скулптури изработени претежно од рециклирано железо, во апстрактни и геометриски форми, под влијание на Пабло Пикасо, Александар Архипенко, Марсел Дишан и Џулио Гонзалес.

Во 2023 година, во Паркот на Франкофонијата, ја реализираше својата прва самостојна изложба „Мрак“. Во периодот од 2019 до 2025 година учествува на повеќе групни изложби, симпозиуми и ликовни колонии во Македонија, Турција, Косово и Црна Гора.

Добитник е на наградата за надежен млад уметник (Истанбул, 2021) и на наградата „Шампион на мирот“ (Regional Youth Cooperation Office – RYCO, 2024), финансирано од Германското федерално министерство за надворешни работи. Од 2023 година е член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот